Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Легенди за Марковиот манастир


8 ноември, е денот на великомаченикот свети Димитрија, или Митровден. Недалеку од Скопје, во селото Сушица се наоѓа манастирскиот комплекс и црквата посветена на свети Димитрија.

Постои една помалку позната приказна од средината на деветнаесеттиот век врзана за Марковиот манастир, за кои едни сметаат дека е вистинита, а други дека е легенда. Имено, со Скопје во тоа време управувал познатиот Авзи-паша кој бил голем пријател со скопскиот првенец Аџи Трајко, кој истовремено бил негов хазнадар. Тоа е оној истиот Аџи Трајко кој е посебно заслужен за подигањето на соборната црква Рождество на Пресвета Богородица во 1835 г., која веќе е возобновена. Се смета дека потеклото на Аџи Трајко е токму од селото Сушица, од каде неговото семејство се преселило во Скопје.  Еден летен ден, Авзи-паша и Аџи Трајко прошетале до Марковиот манастир. Кога Авзи-паша видел дека тремот и целата црква е покриена со олово, наредил да се урне и да се извади оловото и тоа да се замени со ќерамиди. Не сакал ниту да слушне за молбите покривот и тремот да не се уриваат и црквата да остане таква каква што е. Но, враќајќи се кон градот, Авзи-паша прилегнал во убавата природа за да се одмори. Тогаш, сонил страшен сон во кој му се појавил еден воин. Возбуден, пашата се разбудил барајќи го воинот околу себе. Аџи Трајко го одвел пашата повторно пред црквата и му го покажал воинот над влезната врата што тој го сонил - тоа бил свети Димитрија со копјето. Пашата се одоброволил и наредил да не се урива ниту еден дел од црквата, туку да се поправи тремот и некои други делови, онака како што посакувал народот.


Манастирската црква св. Димитрија близу до Скопје, крај село Сушица, која што е одамна позната по извонредните архитектонски градителски форми и раскошни фрескодекорации со богат иконографски репертоар и стилски ликовни вредности, денес се уште исцело непозната по својата колекција на иконописни дела. За изградбата, обновата и живописувањето на манастирскиот храм зачуван најстар сигурен извор од времето на крал Марко, испишан на црковнословенски јазик на наосот над јужниот влез. Од него се дознава дека црквата, посветена на светиот великомаченик Димитрија, започнала да се гради од В’лкашин, а се обновила и се живописала во во времето на кралот Марко-првородениот син на крал В’кашин, од тогашните врвни зографи од Солун и Охридската архиепископска престолнина

Со зацврстувањето на монашкиот живот и процутот  на важни културни и уметнички настани што биле овозможени во времето на крал Марко, го наметнаа општото уверение дека се што било најважно за овој манастир е сторено во времето на Марко. И навистина, дополнително изградените негови градби во манастирскиот комплекс /трпезарија, конаци, монашки ќелии/ како и украсувањето на трпезаријата со фрески и збогатувањето на библиотечниот фонд со голем број ракописни книги, неоспорно оставиле импресвно сеќавање за заслугите на последниот средновековен владател во Македонија Крал Марко. А токму тие околности најмногу придонеле целиот манастирски комплекс, со главниот храм посветен на св. Димитрија, оправдано  и едноставно да се именува од народот, се до денес, како МАРКОВ МАНАСТИР  

Марковиот манастир го сочинуваат повеќе згради наредени како венец околу црквата. Во пространиот двор се наоѓа длабок бунар со ладна вода. Основата на црквата покажува форма на впишан крст во правоаголно пространство, со купола што се издига над централниот дел, носена од четири камени столбови. Нартексот е одделен со троделен отвор од наосот, а во неговиот горен дел се наоѓа слепа калота, јасно назначена и  видлива на покривот. Кон црквата, од јужната страна, во подоцнежен период додадена е просторија во вид на параклис кој служел за крштевање и е изграден од слаб материал. Внатрешноста на црквата е живописана  а истиот е распореден на повеќе зони. Во првата зона  насликани се светителите во цел раст, меѓу кои, на северниот ѕид биле насликани и ктиторите, ликовите се доста оштетени. Втората зона ги опфаќа композициите што го илустрираат акатистот на св.Богородица, а другите зони животот, чудата и страдањата Христови, дванаесте големи празници како и сцени од животот на св.Никола и патронот на црквата св.Димитрие. Споеред едни, третата зона на живописот е работена од зографи, представници на монашките сфаќања во илустрирањето на Христовиот живот. Според други, третата зона и нејзиниот живопис  се резултата на послаби мајстори. Во живописот на Марковиот манастир лесно се издвојуваат рацете на повеќе сликари со различни можности и сфаќања, меѓутоа, тенденцијата за наративно прикажување и оживување на сцените со значителна доза на драматизам се главните обележја скоро на сите зографи што го изведувале живописот. Меѓу композициите, кои на релаен начин покажуваат тешка човечка драма посебно место зазема “Плачот на Рахела”. Ако од портретите насликани на северниот ѕид во црквата останале  само незначителни фрагменти, од портретите насликани на јужната фасада, над влезната страна, зачуван е целиот ансамбл. Од десната страна, во  цел раст е прикажан Кралот Марко облечен во кралска облека, во боја печен окер, украсена со бисери и бесценети камења. Тој во левата рака држи развиен свиток на кој е испишан текстот; ”Во Христа Бога благодарен Крал Марко, го соѕидав и живописав овој божествен храм”. Од другата страна над вратата во  цел раст е преставен Кралот В’кашин, но неговото лице и облеката се прилично оштетени. Во рацете и тој држи свиток на кој се споменува неговото име: ”Во Христа Бога благодарни Крал В’кашин …”

Маѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис, кој многу настрадал поради фактот што трпезаријата долго време прокиснувала. Среќковиќ во 19 век пронашол соѕидана мермерна плоча во ѕидот на манастирската кујна, за која вели дека е потврда за гробот на Крале Марко. Од некогашен голем број икони што го представувале раскошниот дел на храмот, денес за жал се зачувани само 42 иконописни дела со поголем број од нив од 19 век. Кога се пристапи кон конзерваторски  интервенции се потврди фактот дека петте пресликани икони се неоспорно не само хронолошки најстари, туку и во ликовен поглед најквалитетни сликарски остварувања меѓу сите денес зачувани икони  во колекцијата на Марковиот манастир. Набргу се установи дека сликарот на овие икони припаѓа на редот најугледни уметници оформени во цариградските сликарски работилници од последната деценија на 14 и почеток на 15 век. Сите пет икони се во ореово дрво имаат приближно исти димензии припаѓаат на единствена. Целина изработена од иста дрводелска работилница и од ист сликар. Димензиите се движат меѓу 125 -126,5. см и  89.5-100 см. ширина или 3,5-4 см. дебелина. Рамките се главно 6-7 см. А ковчежето до 1 см. длабина.

Според неоспорниот факт дека 1376/77 Г. во црквата првобитно егзистирал скромен иконостас изработен од камен,  на кој може да се сместат две релативно мали икони /83 x 65 см./ кој  станувал се поизразита  контраст со раскошната декорација од фреските во храмот, особено кога од последната четвртина  на 14 век настапувала и општа византиска пракса за давање нов пораскошен и попараден изглед на иконостасот во црквите. Токму ова било всушност важна причина за посовремено подновување на иконостасот, а тоа значи дека ниту нарачката, ниту донаторството биле случајни и без предходни информации за просторот и состојбите  на стариот иконостас од страна на монашкото братство на Марков  манастир. Тоа се потврди и со установените историскоиконографски  податоци за иконите дека тие биле дарение на членовите од византискиот императорски двор, дарение на византиската царица Елана Драгаш Палеолога можеби и на нејзиниот сопруг  царот Маноил 2 Палеолог. /Појдовна точка е историскиот податок за непосредна поврзаност  на брачниот пар  со цариградскиот манастирски храм св.Јован Продромос во квартот Петра каде што тие го дарувале монашкото братство со средства за купување имот од чии приходи ќе може секоја година да се дава помен и да се поменува името во литургијата на таткото на Елена, Константин Драгаш, за кого се знае дека загинал заедно со Крал Марко во битката на Ровиње против романскиот војвода Мирче. Елена  Драгаш го дарувала и монашкото братство на Марков манастир со петте икони за иконостасот во црквата св.Димитрија, секако со иста желба, монаштвото во задужбината на Крал Марко да ја комеморира во  црквата  годишнината на нејзиниот татко и да се споменува неговото име во литургиската служба  заедно со името  на Крал Марко, поради што високо се издигнува и угледот на скопското монашко братство во Марковиот манастир/. Со ваква важна историска содржина, како и со стилските ликовни одлики на цариградските сликарски работилници, овие икони со право можат да се вбројат меѓу најзначајните бисери во општата историја на византиското иконописно сликарство Резултатите од долгите продлабочени проучувања покажаа дека петте икони од Марков манстир се вистински трезор на верата и сознанијата за драматичната историја и богаство вдахновени во ова мало балканско монашко средиште. Новоприсутните икони ја наметнале иницијативата за обновување на храмот со подигање дрвен иконостас поставен под стариот од камен /без да се урне/ каде што би биле вешто вклопени и преземнтирани пред очите на верниците. Дрвената конструкција од греди најверојатно била обликувана од тенки плитко резбарени панделки со позлата, оддавајќи го свечаниот впечаток на раскошната украсна рамка достојна за извонредната уметничка изработка на петте иконописни дела.    

Самиот иконостас усше неколку пати го менувал својот изглед . Проучувањата се базираат врз некои зачувани остатоци од уште еден иконостас во Марковиот манастир, кој со сигурност бил изграден пред март 1591 г. или по 26 септември 1592 г.Т реба да се верува дека мајсторот на овој дрвен иконостас од крајот на 16 век имал извонреден респект кон предходниот иконостас со петте икони, поради што неговата основна концепција имала за цел да го разубави, доукраси, зголеми и да му даде порепрезентативен изглед од предходниот иконостас. Во оваа реконструкција се знае дека тој придодал: Царските двери, надвратник, долгиот епистол на Деисизот и еден од најголемите засега,  иконостасен крст со подножјето  /носачот/, на овој јужен балкански простор. Меѓутоа овој извонредно раскошен дрвен иконостас во плитка резба и позлата со монументални размери историски ќе го бележи крајот на својата егзистенција  во 19 век. Тогаш само дел од двата последни дрвени иконостаса се искористени за еден нов /четврти/ реконструиран дрвен иконостас со многу сиромашен и недостоен зафат, потпирајќи се не само врз иницијатива за пресликувања на старите иконописни дела, туку и за парчосување на дел од предходниот  резбан епостил, па дури и без достоен респект за пресликување на петте најценети икони од Марковиот Манастир. Сликарот кој бил ангажиран во новото представување на иконостасот  би можел да се препознае по име и хронолошки се определи според една негова насликана икона на која се потпиешал “од рака на Никола М/ихајлов/ зограф од Крушево 1865 г. 5 јануари. Иако со пресликувањето на петте икони биле навистина огрдени првобитните ликовни вредности,сепак тоа изгледа придонело не само да продолжи нивната иста функција, туку и со новиот вел од невкус на преслика да не го привлече вниманието и интересот на оние кои ги отуѓувале ценетостите низ манастирските трезори на македонските простори.  

Марков манастир бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри во минатото, книгите од манастирската библиотека се буквално разграбени а истата судбина ја доживеале и голем број на уметнички предмети, кои се чувале во манастирската црква. Според досегашните сознанија, ракописи по потекло Марковиот манастир има во:  Државниот историски музеј во Москва  /Хлудовата збирка/, Виенската национална библиотека, Хрватската академија за наика и уметност Загреб, Српаската академија на науките и уметностите, Белградска библиотека /Стара збирка/ и Државната библиотека во Софија.  

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved