Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден

 

РАДОВИШ

Месноста „Хисар” претставува издолжен рид близу северозападната периферија на Радовиш, на северниот раб на Радовишко Поле. Тој е малку вовлечен во подгорјето на Плачковица. Доминира над долинката на Радовишка река, по која води стар планински пат кон сртот на Плачковица и натаму кон Малешево, а има голема прегледност и над Полетокако и над стариот пат Штип — Струмица. Средновековни остатоци. Не се истражувани, ниту е извршен премер и техничко снимање. Во турско време од крепоста е земан камен за градење на куќи и јавни градби во Радовиш така што денес останале минимални траги. Во подножјето, на западниот раб на долинката на Радовишка Река лежат доцносредновековни гробишта и крај нив црква, изградена врз постари темели. Тоа се остатоците од средновековна населба, подградието на градот Радовиште. Во повелбата на Василиј II од 1019 г. под управата на епископот на Струмица е наведена и еноријата Радовиште. Израснат како регионално средиште, истата улога ја задржал Радовиш и низ турско време до денес.


Ридот „Пилав Тепе” лежи 1,5 км југоисточно од Шопур и 12 км западно од Радовиш. Претставува 220 м висок вулкански куп со тесен врв (610 м н.м.), што од север ја затвора теснината на Мадемска река и патот Радовиш — Штип. Врвот и северната падина се покриени со огромни базалтни карпи. На север паѓа вертикално, а на југ поблаго, преку 3 тераси. Озгора има преглед низ целиот теснец и многу километри во долината на Лакавица и во Радовишко поле. На 2—5 км североисточно од Пилав Тепе се среќаваат бројни траги од старо рударење и преработка на метали (бакар, злато, олово-сребро, железо). Денешниот рудник и топилница за злато и бакар „Бучим” лежи 3 км североисточно од Пилав Тепе, а од другата страна на реката. помеѓу Дамјан и Брест, лежат стари копови на железо експлоатирани до наше време. Најстари остатоци. На Пилав Тепе израснала голема рударска населба во античко време, зафаќајќи простор од 12—15 ха. Во југоисточното подножје на ридот, со проширувањето на автопатот во 1958 г., беа откопани повеќе печки за топење на метали. Бројни гробови од хеленистичко и римско време се раскопани на седлото и падините североисточно од Пилав Тепе. Во доцноантичко време населбата се намалила и се повлекла горе кон врвот. Обѕидието опфаќало кружна површина од 270 х 250 м (4,5 ха). На обѕидието биле допрени долги низи од станбени простории. На карпите на врвот била поставена акрополата, голема 65 х 60 м, со внатрешно обѕидие. Се гледаат 2 цистерни за вода, делумно всечени во карпата, потоа бројни дупки и усеци во карпите за вглавување на дрвени греди, со кои бил зајакнат ѕидот. Покрај доцноантичката грнчарија најдени се и повеќе монети од доцниот 4. до крајот на 6 век. Укрепеното градче на Пилав Тепе можеме со голема веројатност да го идентификуваме како рударскиот град Астрајон (Астраеум), писмено потврден во раната и доцната антика. Археолошките наоди во него во споредба со остатоците на околните локалитети и оние во поширокиот регион му даваат голем примат и зборуваат во таа насока. Средновековни остатоци. Доцноантичкото обѕидие и акрополата се многу добро запазени до денес, така што без поголеми преправки можеле да бидат користени и низ средниот век. На тоа упатуваат и повеќе ситни наоди во укрепениот простор: средновековната огнишна грнчарија, една византиска монета — бакарен скифат од 13 век; еден бронзен прстен и дел од белегзија (10/11 век); повеќе ситни предмети исковани од железо, со средновековни форми. Високата стража на Пилав Тепе имала значајна стратешка позиција со голема прегледност на патот од Штип кон Струмица и натаму на југ, поставен во теснецот на Мадемска Река каде што патот можел лесно да се блокира. Била користена веројатно повремено, во кризни воени ситуации.

Виница

„Градиште, Кале” лежи на југозападната периферија на Виница. Претставува 40—70 м висок рид на работ на Виничкото поле. Најлесно е пристапен од југ, преку мало седло кое вештачки е пресечено во одбранбени цели. Во северното подножје поминува патот Штип — Виница — Берово, античкиот пат Астибо — Баргала — Партикопол. Калето доминира над широката околина. Еден стар планински пат поаѓал од Калето на југ и преку сртот на Плачковица избивал во Радовишко Поле. Најстари остатоци. Просторот на ридот Кале, опфатен со обѕидие, мери 320 х 140 м (3,2 ха). Најстари наоди: атички сликани вази и монети на Филип II Македонски. Во 4 век било изградено обѕидие со малтер и оформен кастел голем 2 ха. Во 6 век обѕидието било обновено, исто така и челната кула, а на југоисточниот дел доѕидана е нова кула со премин низ неа. На тој сектор се откопани (во 1985/90) една ранохристијанска црква, дел од магацин со вкопани питоси и до него дел од богата куќа со перистил, веројатно епископска резиденција. Во неа се најдени бројни керамички плочи со библиски претстави во релјеф („Винички икони”) со кои биле украсени ѕидовите. Градбите страдале во пожар и биле целосно урнати во доцниот 6 век. Иако малечок по обем, кастелот во Виница со време бил издигнат до ранг на црковно средиште — веројатно епископски стол Келенидин. За ова зборува и концентрацијата од 10 базилики во Виница и во нејзината околина. Средновековни остатоци. На просторот на акрополата што го зафаќала јужниот дел од кастелот (со големина 0,4 ха) во средниот век бил подигнат нов ѕид врз урнатиот доцноантички ѕид. Тој бил граден многу послабо и без малтер, а била обновена и челната кула. Најголем дел од ова обѕидие е уништено во наше време со земјоделски работи. Во северозападниот дел на новата крепост биле закопувани умрените. Истражените гробови се датирани со накит во 10/13 век. И старата базилика веројатно била обновена (нејзиниот средишен кораб) во ова време. Досегашните наоди наведуваат на заклучок дека на Калето егзистирала мала крепост во 10/13 век (можеби и подолго), како стража покрај патот што од долината на Струма преку Малешево избивал на Брегалница, водејќи натаму на запад.

Градиште, Будинград

Лежи до западниот крај на Будинарци, покрај магистралниот пат Виница - Берово, во античко време Астибос - Баргала - Партикопол. Претставува тесен рид што се издига 20—70 м високо над Брегалница; опфатен е од реката од речиси сите страни.

Лесен пристап има само од југ преку тесно седло, каде што минува и спомнатиот пат. Ридот има многу стрмни страни, а озгора е зарамнет.
Најстари остатоци. Во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер, што затворало простор голем 300 х 60 м. Се состоел од 2 дела. Кастелот стоел на повисокиот, јужен дел. со големина 0.8 ха, имал правоаголна основа со паралелни страни. На јужниот крај стоела мала акропола, одвоена со еден внатрешен ѕид и зајакната со челна кула. Станбениот дел лежел северно од него, со големина 0,8 ха, а бил одвоен од кастелот со просечен одбранбен ров. Обѕидието носи траги од голема обнова. На северозападниот крај стоела кула што го бранела најлесниот пристап до крепоста. Долж источниот ѕид се гледаат станбени простории, потпрени во низа на него. Крепоста била изградена во 4. век, а обновена во 6. век. Наоди: бројни монети од 4., 5. и 6. век, бронзени токи и аплики, железни фибули од крајот на 6. и 7. век, керамика и др. Кастелот го контролирал спомнатиот пат, како и регионалниот пат од Пијанец на север кој покрај Будинарци водел кон Плачковица на југ и преку превалецот Чунговец слегувал во Радовишко Поле.


Средновековни остатоци. На просторот на акрополата, со димензии 55 х 50 м., врз доцноантичкото обѕидие бил подигнат еден подоцнежен ѕид без малтер (од прирачен материјал) кој и денес јасно се следи на теренот. Очигледно настанал во средниот век. На тој простор забележавме и парчиња од средновековна огнишна грнчарија и словенски црепни. Најдени се и парчиња од словенски бронзен накит: прстења, делови од белегзии, појасни токи, приврзоци, парчиња од стаклени белегзии (11/13 век) и др.
Позицијата на Будинград е стратешки значајна. Лежи во географското средиште на Малешево, на крстопатот на два главни пата што водат низ тој регион а кои функционирале и низ средновековието како врска помеѓу долината на Брегалница со долината на Струма и земјите натаму на исток од неа. Овој фрурион играл несомнена улога како во експанзијата кон запад, така и во функционирањето на патната мрежа.

ДЕЛЧЕВО

„Прекинато Градиште” се вика 50-85 м високиот рид 2 км источно од Вирче (930 м.н.м.), високо на падините на Влаина. Ридот е тесен и долг, озгора зарамнет, а страните му паѓаат стрмно во поројни долинки. Покрај него води стара патека кон планинскиот срт, оддалечен 1 км источно и преку него се слегува во долината на Струма. Тој премин бил користен интензивно во минатото. Најстари остатоци. Во доцноантичко време на ридот бил изграден силен пограничен кастел, голем 1,2 ха. Челото му било зајакнато со издадена кула, а јужниот ѕид е удвоен—тоа се трагите од големо обновување во 6 век. Во внатрешноста се гледаат основи на бројни градби. Наоди: монети од доцниот 4/6 век, керамика. Една базилика (6 в) лежи делумно раскопана пред челото на крепоста. Кастелот ги контролирал граничните премини од провинцијата Македонија II кон Средоземна Дакија. Средновековни остатоци. Во средишниот дел на кастелот лежат парчиња од средновековна керамика, а најдени се монети — бакарни скифати од 13 в. Стратешката положба на оваа крепост обусловила истата да биде користена и во зрелиот среден век, како контролен пункт на еден од планинските премини помеѓу долината на Струма и сливот на Брегалница. Траги од обновувања на обѕидието во среден век нема. Веројатно крепоста била користена само одвреме-навреме, во кризните воени времиња, можеби од Самуил и Византија, а секако и од Бугарите.

 „Градиште” се вика тесен рид со многу стрмни страни во свијокот на Брегалница, 70 м високо над реката и во најтесниот дел на речниот теснец. Лежи 3 км југоисточно од Драмче и 3 км североисточно од Бигла. Брегалничкиот пат (античкиот Астибос — Скаптопара, денес Штип — Делчево ) врти околу подножјето на Градиште и од ридот се гледа повеќе километри на запад и на исток. Најстари остатоци. На повисоќиот, јужен дел од ридот лежат извонредно добро запазени остатоци од рановизантиска крепост. Обѕидието затвора правоаголен простор со димензии 154 х 53/30 м (0,6 ха), а било зајакнато со масивни правоаголни и петоаголни кули. Се гледаат траги од големо обновување на источниот ѕид. Јадрото на кастелот било густо исполнето со градби во 3 реда, во правецот С-Ј, со две тесни улички. На највисоката позиција стоела ранохристијанска базилика. 40 м јужно од крепоста се протега одбранбен ров што напречно го сече целиот рид. Наоди: повеќе монети од доцниот 4/7 век, бројни парчиња од ковано железо (клинци, окови, ножови, врвови од стрели, различни алатки) и железна згура, која зборува за преработување на железото на ова место. Стари рудници на железо лежат на падините 2—3 км југоисточно и јужно оттука. Средновековни остатоци. Тврдината била извонредно добро запазена во средниот век (како и денес) и со минимални поправки била користена и тогаш. Денешниот степен на запазеноста на внатрешните градби наведува на заклучок дека тие биле обновени во зрелиот или доцниот среден век. Движни наоди: парчиња од средновековна грнчарија, железни врвови од стрели за пробивање панцир (12/13 век), специфични алатки, еден бакарен прстен (10/12 век), монета — бакарен скифат од 13. Градот Бигла функционирал како крајпатна стража во теснецот на Брегалница и за заштита на рудниците, кои очигледно биле обновени во среден век.

„Мало (Долно) Градиште” се вика 50—80 м високиот рид со стрмни падини на источниот раб на долината на Брегалница, на југоисточната периферија на Звегор, во подножјето на Влаина (790 м н.м.). Покрај него Брегалничкиот пат (антички Астибос — Скаптопара, денес Делчево — Благоевград) се искачува кон планинскиот премин Калеово на сртот на Влаина и слегува во долината на Струма. Кај Малото Градиште од овој пат се одвојува патот кон Малешево на југ (денес патот Делчево — Берово). Најстари остатоци. Ридот е озгора зарамнет и опфатен со доцноантичко обѕидие од камен со малтер. Три издадени кули на аглите го зајакнувале ѕидот, на кој се гледаат најмалку две големи обновувања. Кастелот бил голем 0,7 ха, а во западното подножје се простирала населба од исто време. Наоди: доцноантичка керамика, неколку монети од доцниот 4., 5. и 6. век. Преку седлото, 200 м источно од крепоста, раскопана е една ранохристијанска базилика (5/6 век). Средновековни остатоци. Меѓу површинските наоди регистриравме парчиња од средновековна грнчарија и бакарни монети — скифати од 13 век. Судејќи според денешните остатоци, крепоста била добро запазена и во средниот век и користена како крајпатна стража на многу значајниот планински премин на Влаина од Струма кон сливот на Брегалница. Според народното предание тука стоел градот Звегор.

Месноста „Калата” е јужниот крај на еден долг и тесен рид над устието на Каменичка Река во Брегалница. Висок е 70 м (520 м н.м.) и рекиве природно го бранат од три страни. Лежи 3 км југозападно од Луковица. Во јужното подножје поминувал стариот Брегалнички пат (Астибос — Скаптопара). Денешниот автопат Штип — Делчево е префрлен на другиот брег на Каменичка река поради изградбата на браната и Калиманското езеро, во кое денес Калата одвај се извишува како тесен полуостров. Најстари остатоци. Во римско време на Калата бил изграден кастел за заштита на рудниците околу Моштица и Саса, во горното течение на Каменичка Река и 10-16 км северно оттука (железо, олово-сребро). Доцноримска керамика, ситни бронзени производи и монети од средината на 3/4 век најдени се на Калата. Во рановизантиско време (5/6 век) околу Калата било подигнато ново обѕидие, потпрено врз остатоците од римското. Пред северниот крај (челото) бил просечен одбранбен ров, а пред него бил изграден предѕид, кој продолжува низ падината на исток долу до Брегалница, и го обградува подградието. Ова се раширило на југоисточната тераса, опфатена со реката. Околу 1 км посеверно лежат урнатините од една мала крепост - стража, која го контролирала главниот и најлесниот пристап до Калата. Целиот укрепен простор мерел 5,3 ха. Гробишта со стари цркви од 5/6 век се откриени на 4. места: пред челото на Калата, потоа на левиот брег на Брегалница („Лака”), на падината во јужното подножје на Калата и на месноста „Бегов Даб” на десниот брег на Брегалница, 0,5 км низводно од устието на Каменичка Река. Една голема базилика стоела и во северниот дел на Калата. Откопани се: базиликата на Бегов Даб (1969 г), датирана со богата камена пластика во 6 век, и помала базилика на југоисточниот дел на подградието („Керамидница”), од исто време. Траги од другите две цркви се гледаат на падините на Брегалница западно од Калата, од двете страни на реката. Големината на укрепената населба зборува дека станува збор за град, а бројот на црквите потврдува еден црковен центар, несомнено епископско седиште. Постојат индиции дека тука лежела Армонија, писмено потврдена во 5/6 век. Средновековни остатоци. На просторот на Горниот град се среќаваат парчиња од средновековна грнчарија и црепни, а најдени се бројни ситни предмети од тоа време, исковани од железо: врвови од стрели со средновековни форми, ножови, алатки, окови за покуќнина; бројни монети: бугарски и латински имитации на Мануил I (13 век); Јован Асен II; Теодор I од Никеја. Сето ова укажува на економската моќ на жителите на Калата. Од зрелото средновековие потекнуваат и делови на обѕидието без малтер потпрени на постарите делови, меѓутоа и малтерни партии. На терасата Бегов Даб покрај црквата од 6 век откопавме старословенски гробови со богати дарови од 9/10 век. Тие несомнено им припаѓале на жителите на Калата и го означуваат почетокот на животот на словенскиот град. Обновените рудници северно оттука (и денес експлоатирани како Рудници Саса — Каменица) претставувале економска основа на оваа населба, а нејзината позиција на Брегалничкиот пат и давале стратешко значење во комуникацијата од долината на Струма кон Брегалница и Повардарието (на Византија, Самуил, Бугарите). Во повелбата на Василиј II од 1019 г. во рамките на Морозвишката епископија е наведена и црковната општина (енорија) Луковица (покрај Козјак, Славиште, Злетово, Пијанец, Малешево и самиот Морозвизд).Ако ги разграничиме овие жупи на терен, ни останува непокриено Источното Осогово кое е несомнено идентично со стара Луковица. Луковица постои и денес како село, поместено на само 3 км североисточно од Калата и истото несомено ја продолжува традицијата на средновековниот „град” со исто име.

КАВАДАРЦИ

„Градиште” или „Девол-град” лежи 2,3 км северозападно од Дреново, покрај рекичката Раечка и автопатот Градско — Прилеп. Овој пат претставувал и во минатото главна врска помеѓу Повардарието и Пелагонија. Претставува варовнички рид со стрмна северна и блага јужна страна, долг 400 м и висок 130 м над реката. Лесно е достапен од југ, преку широко и ниско седло, преку кое што поминувал стариот пат; денешниот пат е просечен низ теснецот во северното подножје на ридот. Од ова место се одвојува еден локален пат кој води долж Црна Река на југ, низ Витачево до рудоносните ревири на Кожуф. Старото рударство претставувало стопанска подлога врз која израснала населбата на Градиште. Неколку км северно од Градиште лежат мадеми на мермер, експлоатирани исто во антиката. Најстари остатоци. Јужната падина на ридот Градиште е терасесто изделена и на неа израснала населба која што зафаќа 17 ха; тоа бил несомнено градот Аударист (Еурист), еден од пајонските центри, потврден со голем број движни наоди и стотици монети од 4 в.ст.е. до римското време, кога речиси замрел и живуркал како селска населба до крајот на антиката. Обѕидието му е хеленистичко, без малтер. Нема други цврсти градби со малтер. Две ранохристијански базилики лоцирани јужно од населбата оставиле траги во вид на многу богата мермерна градежна пластика од 5/6 век. Средновековни остатоци. На западниот крај на старата акропола бил изграден средновековниот „град”, од прирачен камен без малтер. Обѕидието опфаќа триаголен простор со димензии 170 х 40/50 м. Источниот крај е одвоен со внатрешен ѕид во акропола, голема 50 х 20 м. На северната страна се потпирал на вертикалниот карпест отсек, а пристапен е од југ. Го демнее патот што горе го спомнавме. На северозападниот дел стои цистерна за вода, всечена длабоко во жива карпа уште во хеленистичко време. Станбените слоеви се запазени во јужниот дел, а со ерозија се испрани бројните движни наоди: средновековната огнишна и трпезна грнчарија, тегулите од т.н. Комнински тип, парчињата од стаклени белегзии, бронзениот словенски накит (10/13 век), бројните железни врвови за стрели, ножови и др. Една украсена бронзена тока за ремен со лав-грифон во релјеф упатува на 9.—10. век (сл. 6). Монетите се византиски: на Јован Цимиск, Михајло IV, Константин IX (фолиси од крајот на 10. и 11. век); на Јован Ватац, Михајло VIII, Андроник II и Михајло IX (скифати од 13/14. век). Траги од средновековни градби има и на сртот источно од тврдината. Две од нив се помали цркви, од кои едната е откопана целосно а другата делумно. Тегулите од Комнински тип со кои биле покриени упатуваат на 12/13 век. На источната падина на Градиште се наоѓаат средновековни гробови. Подградието се раширило на средната тераса јужно од тврдината. Една голема базиликална црква со богата камена пластика стои и денес во селото Дреново, 2,3 км југоисточно од Градиште (12 век).

Гратчето Девол претставувало регионално средиште на Раец и укрепена стража на важниот пат од Вардар кон Пелагонија. Името му е изведено од грчкит назив Диавол (= враг, ѓавол, непријател), секако во време на словенското отцепување од Византија (9. век). Идентично е со друг, многу попознат Девол кај Корча, седиштето на големиот Деволски комитат во 9/10 век и првата престолнина на Самуил. Недостигот на поголеми и цврсти градби од доцното средновековие во нашиот Девол укажува на тоа дека значењето му се изгубило уште пред српските освојувања на овие краишта, а неговото место го презел градот Тиквеш 10 км јужно. Тиквеш како големо село ќе остане средиште на Тиквешкиот регион (нахија) и подоцна, потврдено во турските документи од 15/16 век.

Месноста „Град, Тиквеш” се вика 80 м високиот куп над устието на Тиквешка Река во Црна, 2 км западно од Ресава. Така се вика и соседната долинка на Тиквешка река, од Ресава до устието на запад; на тој простор се ширело подградието. Низ долината на Црна водел значаен рударски пат на југ, кон рудниците во масивот на Кожуф, додека крај Тиквешка Река водел локалниот пат низ Тиквешијата до Вардар на исток (денес патот Возарци — Кавадарци — Неготино). Од врвот на Градот се контролираат двата пата многу километри далеку на север, југ и исток. Најстари остатоци. На зарамнетиот врв во хеленистичко време постоела укрепена населба, голема 4—5 ха. Наоди: керамика, монети од 3—1, в.ст.е. Во доцноримско време на тој простор бил изграден кастел, голем 140 х 155 м. Малтерниот ѕид околу него бил зајакнат со најмалку 7 кули. Во 6 век обѕидието било обновено на низа места, а во југоисточниот агол била оформена мала акропола со внатрешен ѕид. Со археолошките ископувања во 1959-61/67—68 г. откопани се делови од обѕидието, сондирани се културните слоеви и прибрани се движни наоди, меѓу нив и повеќе монети од 4/6 век. Во долината на Тиквешка река е откопан еден полски имот, гробишта, црква и др. Средновековни остатоци. Некои од споменатите обновени партии на обѕидието можеби потекнуваат од доцниот среден век, додека акрополата била целосно обновена (со димензии 56 х 30 м). Пред половина век нејзините ѕидови стоеле до 4 м високо над почвата (Радовановиќ, 1924). Во неа е изградена една цистерна и една помала црква, додека друга ваква црква лежи пред западното чело. Наоди: средновековна грнчарија и црепни, бројни ситни предмети исковани од железо, византиски монети од 13 век. Очигледно е дека акрополата го претставувала јадрото на „градот” Тиквеш, додека просторот околу неа а во рамките на античкото обѕидие (зафаќа 2 ха) бил населуван сукцесивно подоцна. Тој служел за сместување на помошните објекти — коњушници и магацини, работилници, простории за стража, ковачници и др., а нивните темели се откриени со ископувањата. Меѓутоа и во Тиквешката долинка долж реката, на голем простор источно од Градот, лежат остатоци од едно подградие. Со спомнатите ископувања пред потопувањето на овој терен во новото Тиквешко Езеро, на 3 места откопавме помали цркви со остатоци на фреско-живопис (врз глинена подлога) и гробишта околу нив. Овие остатоци потекнуваат од 13 век (монети) до 15/16 век (фрески). Во турските пописни дефтери од 15/16 век Тиквеш се јавува како село и центар на истоимената нахија. „Градот” (крепоста) Тиквеш не постои во тоа време, меѓутоа не е забележан ниту во српските или византиски извори. Не се спомнува ни во документите врзани за соседниот манастир Полошко, изграден во 14 век неколку километри југозападно од Тиквешкиот град.


 

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved