Македонија - земјата на јунакот

Да се зборува за Македонија, значи да се зборува за страста на животот, за силни емоции кои ги исполнувале долгите векови со бурна историја.
Затоа, оваа земја во своето постоење го памети Крале Марко, несекојдневен средновековен владетел, истовремено силно обожуван и длабоко проколнуван од својот народ. И не само како забележан факт од научник истражувач, туку како живо сеќавање, како нешто што нема крај, исто онака како што многу тешко може да се зборува за неговиот почеток.
Речиси и да нема место од нејзината површина каде не постои некаква асоцијација, некаков белег кој потсетува на неговото владеење. Дури и онаму каде тој никогаш не поминал, не оставил реална трага. Но, македонскиот народ, во својата фасцинираност од неговата личност, го пронаоѓал неговото стапало втиснато во висока карпа, отисоци од неговите дланки, оружје, коњ..., претворајќи ја земјава во една ризница од топоними поврзани со неговото име.
Македонија е земјата на јунакот Крале Марко и секој нејзин град и село, секое место, раскажува по една легенда за него.
|