Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Aрхеолошки локалитети во околината на Скопје

1. АЛДИНЦИ
Кале, градиште-опидум од доцноантичкото време. Муджица, градиште од доцноантичкото време.


2. АРАЧИНОВО
Кисел Вир, населба од неолитското време. Криви Дол, некропола од римското време. Црквиште, храм-светилиште од римското време.

3. БАДЕР
Дрма, каструм со подградие и некропола од римското и доцноантичкото време (Бедеријана). Китка, некропола од римското време. Стар Пат, некропола од доцноантичкото време.


4. БАЊАНЕ
Бања, водовод од римското време. Тука се наоѓаат силни извори од кои водата била носена до римскиот Скупи. Дуло, вила рустика од доцноантичкото време. На 1 км југоисточно од селото, во близината на изворот „Дуло“, на вакафска парцела (Св. Ѓорѓи), селаните раскопале темели од вила рустика. Св.Ѓорѓи, осамен наод од римското време.

5. БАРОВО
Барово, осамени наоди од римското време. Од атарот на селото потекнуваат два споменика од кои едниот е вотивен, посветен на Фортуна, а другиот надгробен. Спомениците се исчезнати. Градиште, градиште од доцноантичкото време. Св.Атанасија, некропола од римското време. Во непосредната близина на црквата селаните откриле повеќе надгробни споменици, а еден е вѕидан до пор¬тата на дворот од црквата.

6. БАРДОВЦИ
Зад воденицата, осамен наод од римското време. Во лозјето е откриен жртвеник со латински натпис посветен на божицата Белона.
Чешма, осамен наод од римското време. Местото на водоводот е на околу 2 км од градската територија на Скупи и на 200 м од железничката пруга Ѓорче Петров-Качаник. При земјоделските работи е пронајдена надгробна плоча со латински натпис. Во правоаголното поле на фронтонот се наоѓа релјефна претстава на сцена со задушна гозба. Плочата се наоѓа на местото каде што е откриена.

7. БЛАЦЕ
Барда, осамен наод од римското време. Во Долно Блаце, во имотот е најдена надгробна плоча со латински натпис. Споменикот се наоѓа на местото каде што е откриен. Лозје, осамен наод од римското време. При земјоделските работи е пронајдена надгробна плоча со латински натпис. Во фронтонот има релјефна претстава на задушна гозба. Споменикот се наоѓа на местото каде што е пронајден. Св.Ѓорѓи, осамен наод од римското време. При изградбата на железничката пруга е пронајден жртвеник со вотивен натпис, посветен на божествата Јупитер, Јунона и Минерва. Споменикот се наоѓа во близината на селската црква Св.Ѓорѓи.

8. БРАЗДА
Градиште, утврдена населба од железното, раноантичкото, римското и доцноантичкото време. Се наоѓа на високиот рид што се обграден од двете страни со Чучерска Река. Во северното подножје е откриена раноантичка гробница градена од делкани блокови од травертин кај која се разликуваат две фази на градба. Меѓу многубројната жртвена керамика има повеќе антички црвенофигурални вази од крајот на V и раниот IV в.п.н.е. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје. Ѓорѓоец, водовод од римското време. Царевец, населба од римското време.


9. БРЊАРЦИ
Ирма, населба од римското време. Латина, некропола од римското време. Тумба, населба од неолитското време.

10. БУЈКОВЦИ
Карабаир, населба од римското време. На просторот што го зафаќа новоизградената рафинерија се откриени ѕидови градени од камен и варов малтер, фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Со изградбата на рафинеријата локалитетот е целосно уништен.

11. БУЛАЧАНИ
Кула, утврдување-рефугиум од доцноантичкото време. На 2,5 км северно од селото и исто толку од селото Раштак, на еден висок планински гребен, се гледаат ѕидови од камен и варов малтер. По површината има фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и друг градежен материјал.

12. БУНАРЏИК
Јазбине, населба од римското време.

13. БУЧИНЦИ
Градиште, градиште од раноантичкото и римското време. На подножјето на градиштето се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал (тегули, имбрекси, а и монети од Јустинијан I). Ограда, населба од римското време.


14. ВАРВАРА
Кале, утврдена населба-опидум од раноантичкото време. На 1 км над Маркова Река, на висока тераса се гледаат остатоци од утврдена населба. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Пржали, некропола од железното и римското време. Се наоѓа на околу 500 м од десната страна на патот што води кон Марков Манастир, кај утоката на рекичката-поројница Локва Попова во Маркова Река.


15. ВИЗБЕГОВО
Кавгалија (Момин Поток), некропола од доцноантичкото време. Од оваа некропола потекнуваат две надгробни мермерни стели со релјеф и латински натпис. На едната од нив се споменува вицус Цавадинус. Стелите се чуваат во Музејот на град Скопје.

16. ВИНИЧЕ
Градиште, кастел од доцноантичкото време. Огради, некропола од доцноантичкото време. При обработувањето на земјата, е откриен доцноантички гроб. Гробот бил конструиран од необработени камени плочи, а во функција на капак била употребена една надгробна плоча со латински натпис. Во фронтонот има релјефна претстава на машка и женска биста. Споменикот се наоѓа на местото каде што е најден.


17. ВЛАЕ
Мост на Лепенец I, осамен наод од римското време. Западно од мостот на Лепенец,  откриена надгробна стела од бел мермер, со релјеф и латински натпис. Во непосредната близина на стелата откопана голема борова шишарка изведена од мермер. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје. Мост на Лепенец II, осамен наод од римското време, откриена стела со релјеф и латински натпис, посветена на еден ветеран од петтата македонска легија. Плочата се чува во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје.

18. ВОЛКОВО
Дубиче, некропола од постарото железно време (VII-VI в.п.н.е.), на која на неколку наврати биле вршени мали археолошки ископувања. Откриени се повеќе погребувања во гробови од камени плочи, тип циста, со инхумација и со гробни прилози од керамика, накит и оружје. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје и во Музејот на град Скопје. Ливада, некропола од римското време. Уши, населба од римското време. Црквиште, осамен наод од римското време. Во 1958 година во нивата на С. Најдовски од селото Куч¬ково, мермерен споменик со двојазичен натпис, грчки и латински.

19. ВРТЕКИЦА
Исар, населба од доцноантичкото време. Св.Димитрија, средновековен сакрален објект. Во Шелско маало се наоѓа муслиманска текија со девет гробови која била изградена врз темели на средновековна црква која, според преданието, била посветена на св.Димитрија. Дека селото било населено од христијанско-македонско население сведочи податокот на листот 42 од Кодикот на манастирот Матка од 1570-1580 г, во кој како приложник од ова село е заведена „рабинката божја Тода“.

20. ГЛУВО
Куќетини, населба од раниот среден век, на десната страна на рекичката Бањанска се регистрирани три големи јами во кои се најдени фрагменти од византиска глеѓосана керамика, насликана со спирални и флорални мотиви. Северно од јамите  има урнатини од повеќе станбени објекти. Штитиње, осамен наод од римското време, најден фрагмент од надгробна плоча со латински натпис и фриз од букраниони и гирланди, употребен како стожер. Денес фрагментот се наоѓа во Музејот на град Скопје.

21. ГОВРЛЕВО
Градиште, утврдена населба од римското и доцноантичкото време и старохристијанска базилика. На околу 600 м северно од селото се наоѓа мало ритче со зарамнето плато на врвот на кое се гледаат остатоци од бедем граден од кршен камен и варов малтер. На површината има фрагменти од садова и градежна керамика, питоси, а биле наоѓани и монети. Мермерни блокови се пренесени во селските цркви во Говрлево и Барово. На југоисточната тераса има темели од голема базилика и непосредно до неа темели од цистерна. Манастириште, средновековна населба и некропола. Југоисточно од селото, во правецот на селото Осинчани, при обработувањето на нивите се откриени остатоци од ѕидови и камени плочи од гробни конструкции. По површината се среќава множество градежен материјал. Св.Илија, средновековна црква. Североисточно од селото, на ритчето Илино Брдо, пошумено со дабови дрвја, пред 60 години е подигната црквата Св.Илија, и тоа врз темели од постар сакрален објект. Церје, населба од неолитското време. Се наоѓа на 2 км југоисточно од селото, помеѓу Чифличка Река од исток и Церешка Река од запад. Во длабокиот културен слој е констатирана повеќеслојна населба со шест хоризонти на живеење. Најстариот хоризонт (I) е од времето на раниот неолит, паралелен на Анзабегово-Вршник I, хоризонтите II-IV се од средниот неолит, паралелни со Анзабегово  Вршник II-IV, а последните два хоризонти се од доцниот неолит, идентични на Зелениково II. Откриени се три куќи за живеење, од дрво и кал, со димензии од 4,5x4,5 м, поделени на две простории.


22. ГОРНО КОЊАРЕ
Градиште
, населба од раноантичкото и римското време. Се наоѓа на 1 км пред влезот во селото, на блага терасеста височинка крај левиот брег на реката Пчиња. На северниот крај на локалитетот има голем тумул според кој местото се вика Тумбарка.

23. ГОРНО НЕРЕЗИ
Градиште, градиште со некропола од доцноантичкото време. На површината на градиштето се гледаат темели од повеќе објекти и множество градежен материјал, како и фрагменти од керамички садови и монети. Св.Пантелејмон, осамен наод од римското време во манастирот, во подот под централната купола на манастирската црква е откриен надгробен споменик од бел мермер со латински натпис. Споменикот е вратен на истото место, со натписот свртен надолу.

24. ГОРНО ОРИЗАРИ
Крст, некропола од римското време. На 600 метри источно од селото, при обработувањето на нивите биле откриени гробови со конструкција од тули.

25. ГОРНО СВИЛАРЕ
Кале, кале од римското и доцноантичкото време.

26. ГОРНО СОЛЊЕ
Стара Чешма, осамен наод од римското време. Во западниот дел на селото се наоѓа стара, одамна напуштена чешма во која, до 1982 година, имало вградена мермерна стела со релјеф и латински натпис. Недалеку од чешмата, во дворот на селската црква има профилирани мермерни блокови.

27. ГРАДОВЦИ
Лозишта, некропола од римското време.

28. ГРЧЕЦ
Градиште, градиште од доцноантичкото време.


29. ДВОРЦЕ
Градиште, градиште-кастел од римското и доцноантичкото време.


30. ДОБРИ ДОЛ
Крушка, осамен наод од римското време. Во непосредната близина на селскиот поток Крушка е пронајден двоен доцноантички гроб. Во гробната конструкција секундарно биле вградени шест надгробни плочи со латински натписи. Спомениците се наоѓаат во Музејот на Македонија во Скопје.

31. ДОЛНО ДОБРИНО
Кале, градиште-викус од доцноантичкото време.


32. ДОЛНО КОЛИЧАНИ
Градиште, градиште-викус со некропола од римското и доцноантичкото време. Откриени се гробови со конструкција од големи тегули ‡ тип „на две води“.

33. ДОЛНО КОЊАРЕ
Дервен, населба од неолитското време. Повеќето од нив се украсени во барботин и импресо-техника, а од облици има пехари на висока конусна нога, грниња, жртвеници, ситна антропоморфна пластика и др. Голем е бројот и на орудијата од кремен и камен. Долно Коњаре, депо на средновековни монети. Во Музејот на Македонија во Скопје се чува депо од 2.400 бакарни скифати од XII-XIII век. Ограѓе, населба од римското време.


34. ДОЛНО ОРИЗАРИ
Вели Поле, населба од римското време.


35. ДОЛНО СВИЛАРЕ
Селиште, населба од римското време.


36. ДОЛНО СОЛЊЕ
Поткарпа (Раов Дол), осамен наод од римското време. Над современиот пат за селото Долно Солње, на една падина се наоѓа надгробна стела, веројатно ископана при обработувањето на нивата. Стелата е од варовник, со релјефна претстава на задушна гозба и латински натпис. Споменикот се наоѓа на местото каде што е пронајден. Св.Спас, осамен наод од римското време. При реновирањето на црквата, на јужниот внатрешен ѕид е откриен фрагмент од надгробна плоча со латински натпис. Споменикот се наоѓа на местото каде што е пронајден. Чешма, осамен наод од римското време. Во селската црква е вѕидана надгробна стела со релјеф и латински натпис, оштетена во горниот дел.


37. ДРАЧЕВО
Белчевица, некропола од римското време. Љубуш, старохристијански ротонди. На еден зарамнет врв во близината на утоката на Пеленица во Маркова Река, има остатоци од римско утврдување чии одбранбени ѕидови го опкружуваат целото плато. Откопани се темели од повеќе градби меѓу кои и темели од две цркви-ротонди, едната имала пречник повеќе од 10 м и под покриен со мозаик, организиран во повеќе правоаголни полиња. Од мотиви во поли¬њата на мозаикот се присутни рибини лушпи, крстови, плетенки како бордури и раскошен кантарос од кој излегуваат бршленови ластари со лисја. Пинтија (Ќуприја), некропола од доцноантичкото време. Тресалиште, осамен наод од доцноантичкото време.


38. ДРАЧЕВИЦА
Кале, градиште-кастел-опидум од римското и доцноантичкото време. Најдени се и монети на Галиен и Валентијан.


39. ЕЛОВО
Исар, градиште-кастел од доцноантичкото време. Според кажувањата на селаните, откриени се и гробови градени од камени плочи-тип циста.

40. ЗЕЛЕНИКОВО
Слатина, населба од неолитското време. Локалитетот е откриен уште во 1950 година, кога е извршено и првото пробно ископување. сo откриени остатоци од куќи (лепеж) и разни предмети од материјалното производство, особено од керамика. Се работи за поголема населба од средниот неолит, со подолга интерна еволуција, истовремена со населбите од културната група Анзабегово-Вршник II-IV. Посебно значајни се наодите од последниот слој на населбата, од времето на доцниот неолит, според кои е воведена нова културна група наречена Зелениково II. Наодите се чуваат во Музејот на град Скопје. Црквиште, кастел од доцноантичкото време.


41. ЗЛОКУЌАНИ
Скупи, град од римското и доцноантичкото време. Се простира на северниот крај на селото, во подножјето на Зајчев Рид, лево од утоката на Лепенец во Вардар, а на околу 5 км северозападно од Скопје. Од атарот на селата Злокуќани и Бардовци потекнуваат околу 50 епиграфски споменици, што се пронајдени на градската територија на Скупи и во неговата околина. Поголем број од спомениците се наоѓаат во Музејот на Македонија во Скопје, а помал број се исчезнати.

42. ИЛИНДЕН (БЕЛИМБЕГОВО)
Илинден (Белимбегово), осамен наод од римското време. Во атарот на селото е пронајдена надгробна плоча со латински натпис. Споменикот се чува во Музејот на Македонија во Скопје.


43. ЈАБОЛЦЕ
Падиште
, осамен наод од хеленистичкото време, откриена бронзена глава која веројатно е дел од некоја скулптура. Главата е со природна големина, а се атрибуира како претстава на Дионис Митрефорос Таурос и се датира во втората половина на I в.п. н.е.

44. КАТЛАНОВО
Доксаница, населба од неолитското и бронзеното време и некропола од римското време. Во подножјето на една мала височинка, на околу 4 км јужно од селото, во пространа долина природно заштитена со високи и стрмни ридови, покрај која тече рекичката Оплазинци, има фрагменти од керамички садови. На југозападната страна, во продолжение, е констатирана некропола чии гробови, со конструкција од обработени камени плочи, се евидентирани на површината. Катланово, осамени наоди од римското време. Во атарот на селото се откриени два милјоказа и еден жртвеник посветен на Дијана и Аполон. Спомениците се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје. Кочкова Населба, некропола од доцноантичкото време. Населба е откриена некропола која се наоѓа северно од локалитетот Римски Бањи. Рамниште, населба од римското време. Црквиште, некропола од римското време. На левиот брег на Пчиња, под населбата Катлановска Бања, на просторот од патот за Градманци па сe до коритото на Пчиња се откриени гробови со конструкции од големи камени плочи и саркофази.


45. КОПАНИЦА
Дренки, населба од римското време.


46. КУЧЕВИШТЕ
Бошњачка Чешма, некропола од доцноантичкото време. Гробната конструкција е направена од обработени камени блокови, помал фрагмент од саркофаг, една цела и една фрагментирана надгробна плоча со латински натписи. Стелите и гробните наоди се чуваат во Музејот на град Скопје. Град, градиште од доцноантичкото време. Градиште-Беговиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Кучевиште, осамени наоди од римското време. Во атарот на селото се пронајдени две надгробни плочи со латински натписи. Едниот од спомениците се чува во Музејот на Македонија во Скопје, а другиот во селската црква. Радишко, некропола од римското време.


47. ЛАСКАРЦИ
Бадеми, некропола од доцноантичкото време. Во нивата при земјоделските работи е откриен доцноантички гроб. Конструкцијата е направена од комбинација на тули, камен и малтер. Како капак е употребена надгробна стела со латински натпис. Споменикот се чува во Музејот на Македонија во Скопје. 

 48. ЛЕТЕВЦИ
Маркови Кули, градиште-кастел
од римското и доцноантичкото време. На 1,2 км јужно од селото, пред утоката на Пчиња во Вардар, на висок рид со зарамнет врв, се гледаат темели од одбранбен бедем, а по површината множество фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Источно од кастелот се откриени повеќе гробови од доцноантичкото време.


49. ЉУБАНЦИ
Љубанци, осамени наоди од римското време. Во урнатините на селската црква се откриени пет фрагменти од римски споменици. Четири од нив се надгробни, а еден е вотивен и посветен на богот Збелтурд, сите со латински натписи. Спомениците се исчезнати.


50. ЉУБОТЕН
Јазирци, осамен наод од римското време. Во непосредната близина на селото, во 1957 година е откриена надгробна стела со латински натпис. Се чува во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје. Црква, осамен наод од доцноантичкото време. При реконструкцијата на селската црква, посветена на св.Никола, е пронајден жртвеник со латински натпис, посветен на богот Либер. Жртвеникот се чува во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје.


51. МАЛЧИШТЕ
Марково Кале, градиште-опидум од римското и доцноантичкото време. На 800 м североисточно од селото Малчиште и на 1 км југозападно од Марков Манастир, на врвот на една помала чука се гледаат одбранбени ѕидови. По површината на градиштето има темели од повеќе објекти, а се среќаваат и фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал.


52. МАРКОВА СУШИЦА
Ебишница, населба од неолитското, бронзеното и железното време. Се наоѓа на 1 км источно од селото, на десниот брег на Умовска Река, кај нејзината утока во Маркова Река. Во нивата на длабочина од 4 м се откриени фрагменти од керамички садови и тегови. Марков Манастир, осамен наод од доцноантичкото време. Во темелите на манастирот Св.Димитрија-Марков Манастир, десно од јужната врата е вѕидана ара од бел мермер со латински натпис.

53. МАТКА
Катуниште, населба од римското време. На 300 м југоисточно од селото, по површината на нивите се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Круша, осамен објект од доцноантичкото време. На 1,6 км јужно од селото, на мала височинка оддалечена околу 100 м од месноста Краста се гледаат остатоци од осамен објект. На теренот се гледа и градежен материјал (кршен камен, покривни ќерамиди) и, спорадично, фрагменти од керамички садови. Куќишта, населба од доцноантичкото време. На околу 300 м североисточно од селото и месноста Ограда, по површината на нивите се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Според кажувањето на жителите, при изградбата на една викендичка било откриено едно депо на римски бронзени монети. Марков Град, тврдина-кастел од доцноантичкото време и средниот век. На 2 км јужно од селото, високо на карпите што се издигаат над црквата Св. Андреа, се гледаат остатоци од мала средновековна тврдина. Во нејзината внатрешност се гледаат остатоци од средновековна црква, станбен објект и други помали објекти. Постарата тврдина- кастел, датира од V-VI век, а остатоците од средновековната тврдина се од втората половина на XIV век. Св.Спас, градиште - викус од римското и доцноантичкото време. Се наоѓа на околу 1,5 км јужно од селото, на високите карпи на излезот од клисурата на реката Треска. На самиот врв има плато опкружено со одбранбен ѕид, на кое се гледаат темели од повеќе објекти, а се среќаваат фрагменти од керамички садови и мермерни блокови од раноантички храм. Исто така се гледаат темели, столбови, бази, импости и други материјали од старохристијанска базилика.


54. МАЏАРИ
Ограда, населба од римското време. Тумба, населба од неолитското време. Се наоѓа меѓу современите населби Маџари II и „Ченто“, непосредно до фудбалското игралиште. Претставува мала височинка-тумба. Улица „Димче Милошевски“ бр. 139, осамен наод од римското време. При копањето на канали за водоводна инсталација е пронајден поголем фрагмент од надгробна плоча со латински натпис. Во фронтонот има релјефна претстава на Тракиски коњаник. Плочата се чува во Музејот на град Скопје.


55. МИЛАДИНОВЦИ
Тумба, населба од римското време. Турски гробишта, осамен наод од римското време. На турските гробишта во селото во 1912 година се наоѓал жртвеник со латински натпис, посветен на богот Херкул. Споменикот е исчезнат.


56. МИРКОВЦИ
Преку Река, осамен наод од римското време. Од ова место потекнуваат повеќе споменици од бел мермер: надгробна стела од која е зачуван делот со латински натпис; дел од релјеф со претстава на Венера и мал крилест гениј; надгробен споменик со релјефно претставена розета, чешел и огледало; горен дел од надгробна стела со розета и претстава на огледало и чекан; и плочест дел со релјефна претстава на воловска глава (букранион) од чија лева страна виси гирланда. Наодите се чуваат во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје. Шуманица, некропола од доцноантичкото време. Северно од селото, на повеќе места во селските ниви се констатирани остатоци од гробови.


57. МОРАНИ
Морани, осамени наоди од римското време. Во атарот на селото се пронајдени три надгробни плочи со латински натписи. Спомениците се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.

58. МРШЕВЦИ
Сретсело, населба од неолитското време. Временски и културно овие наоди се идентични со наодите од Тумба во Маџари, што кажува дека населбата од овој хоризонт му припаѓа на средниот неолит од културната група Анзабегово-Вршник (II-IV). Керамиката од помладиот хоризонт е разновидна и мошне квалитетна и кај неа се издвојуваат садови со биконусно профилиран стомак, украсувани со канелури и врежување и со држалки во облик на рокче, кршало или петлица. Типолошки е слична со керамиката од Зелениково II, што значи дека овој слој од населбаа е од времето на доцниот неолит.

59. НОВО СЕЛО
Рамниште, некропола од доцноантичкото време. При обработувањето на земјиштето се пронајдени 5 гроба-тип циста, со скелетно погребување. Во гробот се откриени една златна фибула, два златни прстена со геми и две златни монети. Гробовите се датираат во IV век. Наодите се чуваат во Музејот на град Скопје. Селиште, населба од римското време. На левиот брег на Вардар, на блага падина покрај црквата Св. Никола се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал.

60. ОРМАН
Барица, населба од неолитското време. Коњушница, населба од железното и раноантичкото време, некропола со мавзолеј од доцноантичкото време и старохристијанска базилика. На 1 км е откриена еднокорабна базилика со зачувани темелни партии до 1 м височина. На просторот на базиликата и околу неа се откриени траги од населба од железното време. Наодите од раноантичкото време се: столб со натпис посветен на Јупитер и Јунона, како и делови од надгробни споменици. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје. Св.40 маченици, некропола од доцноантичкото време. На 1 км западно од селото, на јужниот крај на дворот на црквата е откриена мала засводена гробница со ориентација запад-исток.


61. ОРЕШАНИ
Ограда, некропола од железното време. Во непосредната близина на селото, пронајдени се 14 бронзени предмети кои се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.

62. ПЕТРОВЕЦ
Петровец, осамен наод од римското време. Во атарот на селото е пронајден жртвеник посветен на Јупитер. Споменикот е исчезнат.

63. ПОБОЖЈЕ
Врбиче
, некропола од доцноантичкото време. Гробишта, некропола од доцноантичкото време. Зајкино, осамен наод од римското време. Како дел од конструкцијата на еден доцноантички гроб се пронајдени две надгробни плочи со латински натписи. Спомениците се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.

64. РАДИШАНИ
Во селото, осамен наод од римското време. Голем Град (Река), осамен наод од римското време. Помеѓу селата Горно и Долно Радишани, недалеку од левиот брег на Радишанска Река е најдена надгробна стела со латински натпис од I век. Стелата е уништена. Катастарска парцела 781, населба од римското време. Пронајдена е и вотивна мермерна плоча релјефна претстава на т.н. дунавски коњаници. Радишко, некропола од доцноантичкото време.


65. РАКОТИНЦИ
Орловица, населба од неолитското, бронзеното и железното време.


66. РАШТАК
Чифлик, населба од доцноантичкото време.

67. РАШЧЕ
Врело, населба од бронзеното време. Долот, осамен наод од римското време. Кале, утврдена населба-градиште од доцноантичкото време. Пештерка, населба од римското време. Рашче, осамен наод од доцноантичкото време. Црква, могили од римското време.

68. ’РЖАНИЧИНО
Шамак, населба од неолитското време.


69. РОГЛЕ
Кука, градиште-кастел од римското и доцноантичкото време.


70. СВЕТА ПЕТКА
Рамниште, населба и некропола од средниот век. На падините јужно од локалитетот и околу 150 м северно од патот за селото Матка се гледаат остатоци од некропола-големи грубо делкани камени плочи од гробни конструкции.

71. СЕМЕНИШТЕ
Семениште, осамен наод од римското време. Во атарот на селото е пронајдена мермерна плоча со релјефна претстава на Тракиски коњаник. Споменикот се чува во Музејот на Македонија во Скопје.


72. СКОПЈЕ
Гологузица, осамен наод од римското време. Долно Водно, осамени наоди од римското време. Долно Нерези, осамен наод од римското време. При пробивањето на каналот меѓу реките Треска и Вардар се откриени два споменика со латински натписи од кои едниот е вотивен и посветен на Деа Сирија. Жданец, некропола од раноантичкото време, откриено погребување во циста од камени плочи со значајна гробна содржина (накит од сребро, сад од бронза, меч од железо), датирана во првата половина на IV в.п.н.е. Во 1990 исто така случајно, е откриено уште едно погребување, исклучително ретко според обредниот ритуал. Имено, се работи за жртвено погребување на непознат пајонски кнез заедно со кола, два коњи и двајца кочијаши, извршено на крајот на V или на почетокот на IV в.п.н.е. Жданец, осамен наод од римското време. Во 1966 го¬дина во непосредната близина на населбата е најдена фрагментирана надгробна плоча со латински натпис. Споменикот се наоѓа во Музејот на град Скопје. Кале, утврдена населба од енеолитското, железното, раноантичкото време и средниот век. Се наоѓа во центарот на градот, крај левиот брег на Вардар, на висока тераса со форма на триаголник. Камник, некропола од римското време. Клучка-Хиподром, некропола од доцнобронзеното време и населба од средниот век. Маркови Кули, утврдена населба од доцноантичкото време. Се наоѓа на југоисточниот раб на градот, на една од височинките во источниот крај на планината Водно. Со систематските ископувања се откриени остатоци од утврдена населба, поточно, одбранбен ѕид со кули и порти. Исто така, во внатрешниот дел на акрополот се откриени темели од повеќе објекти, меѓу нив и две големи цистерни за вода. Наодите се чуваат во Музејот на град Скопје. Околината на Скопје, средновековно депо на монети. Рокомија, осамен наод од римското време. Се наоѓа во просторот меѓу Гази Баба, Камник, Кумановски пат и патот што води кон селото Црешево. Сарај, осамен наод од римското време. Скопје, депо на средновековни монети. Од непознат локалитет во околината на градот потекнуваат 1.700 бакарни скифати од XII-XIII век. Монетите се чуваат во Народниот музеј во Белград. Стара градска плажа, осамен наод од римското време, изваден милјоказ со оштетен латински натпис. Милјоказот се чува во Музејот на град Скопје. Улица „Партизански одреди“, некропола од римското време. Улица „Партизански одреди“-Блок VI, некропола од римското време. Улица „Партизански одреди“- Јурија, некропола од римското време. Улица „Партизански одреди“ -Трговски центар, некропола од римското време. Улица „Прохор Пчински“, депо на средновековни монети, најдено керамичко сатче со 20 сребрени монети. Улица 809, некропола од римското време. Улица 1462, осамен наод од римското време. Уши, некропола од доцноантичкото време. Ф-ка „Газела“, патоказ од римското време.

73. СОПИШТЕ
Кукловец, некропола од римското време.


74. СРЕДНО КОЊАРЕ
Пржали, населба од римското време. Средно Коњаре, осамени наоди од римското време.


75. СРЕДНО НЕРЕЗИ
Градиште, градиште-опидум од раноантичкото време. Круша, населба од бронзеното време и некропола од железното и римското време.

76. СТАЈКОВЦИ
Тумба-Круша, населба од неолитското и римското време. По површината се среќаваат многубројни археолошки наоди, како: фрагменти од керамички садови, кремени и камени орудија, куќен лепеж, а поретко се среќаваат и фрагменти од римска керамика. Површинските наоди се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.


77. СТУДЕНИЧАНИ
Исар-Кале, градиште-опидум од раноантичкото време.

78. ТАОР
Градиште, градиште од раноантичкото, римското и доцноантичкото време. На 20 км југоисточно од центарот на Скопје, на левиот брег на Вардар се наоѓа селото Таор. На локалитетот има остатоци од мермерни архитектонски елементи, камени столбови, делови од римски надгробни стели, остатоци од водоводна инсталација, ѕидан базен, керамички тубулуси, тегули од коринтски тип, парчиња згура, монети од Константин I, Теодосиј I и Јустин II. Најдоцен наод е една лачна фибула од византиско-словенски тип. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје. Св.Илија, осамен наод од римското време. .Ј.)

79. ЌОЈЛИЈА
Русалија, некропола од римското време. Селиште, населба од римското време.

80. УСЈЕ
Крст, депо на средновековни монети, пронајдено депо на сребрени средновековни монети кое содржи 96 примероци (86 српски од Урош I и 12 венецијански од XIV век) и две масивни сребрени обетки со три јаготки. Наодот се чува во Музејот на град Скопје.
Црква Св.Атанас, осамен наод од римското време.


81. ЦРЕШЕВО
Крши Дол, некропола од римското време. Селиште, осамен наод од римското време. Смиљковце, населба од римското време.


82. ЦРНИ ВРВ
Кале, градиште-кастел и рефугиум од доцноантичкото време.


83. ЧУЧЕР
Давина-Маркова Кула, кастел-градиште од римското и доцноантичкото време. На 3 км од Чучер, на јужниот крај на Качаничка Клисура, на врв зарамнет во долги тераси било подигнато доцноантичко градиште. На највисоката кота е акрополот со двоен појас на одбранбени ѕидови градени од камен и варов малтер. Во внатрешноста има одлично зачувани остатоци од старохристијанска базилика и десетина други објекти. Северно од акрополот се протега јадрото на градот опфатено со два појаса на ѕидови со кули. Во центарот има квадратен форум со многу јавни и приватни градби околу него. На северното чело на надворешниот бедем има голема порта, а целиот простор во ѕидините изнесува околу 8,5 хектара. Северно од градиштето лежи некрополата. Маркова Кула, некропола од римското време. Северно од градиштето се наоѓа некропола во која, во еден случајно откопан гроб се пронајдени три надгробни плочи во секундарна употреба. Спомениците се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје.

Археолошка карта на Република Македонија МАНУ 1996
| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved