Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Антички град Керамеија

Легенди и митови, историски вистини и преданија, кралеви, цареви и богови, сето собрано на едно место, меѓу гранитните карпи од Маркови Кули и Варош, во античкото време познат како Керамеија кај Прилеп. Природата се погрижила и местото да го направи мистично и тешко достапно, за да може со векови и милениуми да ги зачува во себе приказните што се пренесуваат од генерација на генерација. Како неми сведоци на се она што навистина се случило, но и на легендите и преданијата, на врвот од Марковите Кули се издигаат sидините од дворецот на Крале Марко, најголемата легенда во Македонија. Во подножјето на грамадниот рид е манастирот "Св. архангели Михаил и Гаврил", а во Варош, испреплетени меѓу куќите на варошани, се многубројните цркви на ова мало место, што непрекинато живее од праисторијата, преку антиката, познато како Керамеија, во раниот среден век како Прилапос, а од 14 век до ден денес се вика Варош. Неколку километри појужно од Варош, Турците ја формирале касабата Перлепе, денешниот град Прилеп.

Античкиот град Керамеија кој, најверојатно, името го добил по бројните керамички работилници, не е споменуван од античките писатели и историографи, но затоа, пак, е забележан во "Табула Поинтегеријана" или карта на Поинтигер, германски хуманист што живеел на виенскиот двор. Неговата карта е препис од картата на германскиот калуѓер од 13 век кој, пак, ја препишал од картата на равенскиот географ од 8 век, а овој ја препишал од изворната "Табула мунди" која била изработена во 350-та година. На оваа карта се вели дека на патот од Стоби кон Хераклеја, на 36 римски милји се доаѓа до градот Керамеија. И навистина, ако се тргне од Градско (Стоби) кон Битола (Хераклеја), на 55 километри или 36 римски милји ќе се стигне до Варош, античката Керамеија. Најрепрезентативното, што прво се забележува во Варош се дворците на Крале Марко на врвот од Кулите и манастирскиот комплекс "Св. Архангел", меѓу гранитните карпи во подножјето на кулите.

Кога во Пелагонија кралот Волкашин, а по него и син му Марко формирале мала држав, утврдувањето на Маркови Кули станало центар - пртестолнина на таа држава. Во него била префрлена и Пелагониската епископија која дотогаш била со седиште во Битола. Епископијата овде се задржала до смртта на Крале Марко, а најверојатно, имала само еден епископ. И sидините што денес се гледаат на врвот од Марковите Кули се изградени токму во времето на Крале Марко, над sидините од античка крепост. Ова било најпогодното место за изградба на одбранбена тврдина со царски дворци, зашто од врвот на кулите се гледа целата Прилепска Котлина како на дланка. Од друга страна, пак, високиот карпест рид на Марковите кули е толку тешко достапен и природно заштитен, што не била потребна голема војска за да го брани. Во пишаните извори од тоа време стои дека тврдината ја чувале само 50 војници.

За изградбата на дворецот на кралот Марко, меѓу варошани се раскажува и една легенда: "Кога Крале Марко решил да ги гради дворците на врвот, од кулите ги собрал сите варошани и мажи, и жени, и деца и им наредил да застанат во редови еден до друг од подножјето до врвот на карпестиот рид. Вака наредени, луѓето си подавале камења со кои на врвот се sидала тврдината. Од работата не биле ослободени ни жените доилки, а бидејќи немало кој да им ги чува бебињата и малите деца, викнале една стара баба. Бабата ја седнале на соседниот рид, а децата ги наредиле околу неа да внимава на нив. Но бебињата многу плачеле зашто немало кој да ги подои, па бабата, не можејќи да ги смири, почнала да вика и да колне. Клетвите на бабата биле да се скамени заедно со децата. Господ ја послушал бабата и ја скаменил со децата. И ден-денес скаменетата баба седи на истото место" - велат варошани. Местото на другиот рид во народот е познато како "Бабата", а варошани велат дека го чува Прилеп од несреќи. Но, легендата не завршува тука. Варошани раскажуваат дека додека народот ги градел дворците на Крале Марко, бил толку многу измачен што многу од луѓето умирале. Кога дворците биле готови, толку многу луѓе изумреле што на Крале Марко му се сожалило па решил во нивни спомен во Варош да подигне цркви. Изградбата на црквите почнала и биле изградени, според преданието, 77 цркви. Од нив, велат варошани, денес се останати уште седум - осум.

Ова е само предание, исто како и тоа дека Крале Марко скокал со Шарецот од една карпа на друга и од еден рид на друг, а притоа од силината на коњските копита оставал дупки по карпите. Вистина е дека тој изградил една црква а тоа е "Св. архангели Михаил и Гаврил". Ова е манастирска црква во која денес живеат пет монахињи, а игуменија им е сестра Георгина. На влезната врата од манастирската црква се насликани ликовите на Волкашин и Марко, а натписот на црквата зборува дека нејзин ктитор е кралот Марко. Црквата е изградена на темели од постара црква, од која се зачувани дел од просториите под црквата на Крале Марко. Во манастирскиот двор има и еден бунар што се полни со изворска вода од врвовите на Маркови Кули. Народот верува дека е ова чудотворна лековита вода и ја викаат Богородичина. Поради лековитата вода, манастирот, освен празникот на архангелите Михаил и Гаврил, ги слави и празниците посветени на Богородица, а во тие денови доаѓа многу народ да се напие од водата и да се помоли. Останатите цркви во Варош како "Св. Никола", "Св. Димитрија", "Св Атанас", "Св. Петар" и "Св. Богородица Пречиста" се од различни периоди на средниот век. Тие биле цркви на средновековната населба под Маркови Кули што била разбиена во неколку маала. Секое маало имало своја црква и гробишта околу неа.

Крепоста на Маркови Кули била силно до смртта на Крале Марко во 1395 година. По неговата смрт била заземена од Турците и запустена. Турците ја држеле како крепост во 15 век со 18 војници, а во 16 век со само 5 војници. Набрзо потоа го напуштиле утврдувањето во кое животот никогаш повеќе не се обновил и до ден-денес е празно. Животот продолжува во подножјето на Мркови Кули како селска христијанска населба Варош. Турската населба била неколку километри појужно, позната под името Перлепе, што денес е централниот дел на Прилеп.

Но Варош не е само средновековен град. Животот на ова место непрекинато тече од праисторијата до денес. Кога точно настанал градот не се знае, но во 4 и 3 век од старата ера бил добро развиен и богат, за што сведочи и некрополата ископана во местото Под Кули каде се пронајдени луксузни керамички и стаклени предмети и накит, а сето тоа увезено од грчките работилници, што зборува за едно богато време со развиени трговски врски. Од античкиот град во Варош до денес се откриени уште делови од куќи и терма - бања, сите ископани во близина на црквата "Св. Атанас". Градот имал и свое утврдување на врвот од Маркови Кули, а живеел добро се до крајот на третиот век, кога бил нападнат од наездите на Готите. Но, за разлика од многу градови кои по уништувањата од Готите никогаш повторно не се обновиле, Керамеија во текот на 4 и 5 век повторно се издигнала и продолжила да живее. И, по се изгледа, и понатаму живеела како добро утврдено и организирано гратче со ситно благородништво кое дури си градело и вили надвор од градот. Една таква е вила рустика или селска вила, пронајдена во местото Пештерица кај вештачкото езеро. Во вилата, покрај делот во кој престојувале газдите, има дел за послугата и простории за производство на вино. Газдите на вилата имале и своја терма со базени за топла и ладна вода и две просрии за потење и миење. Вилата имала и своја некропола во која се закопани членовите на семејството, а од монетите што се пронајдени има од Константин Први до Теодосие Први. Вилата се користела во 3 и 4 век, а потоа била уништена во пожар.

Во раниот среден век гратчето живеело како неутврдена населба, а на врвот од Марковите Кули имало одбранбен бедем. Во овој одбранбен пункт, од средновековните пишани документи познат под името фрурион Прилапос, во 1019 година дошол цар Самуил. Оттука ја видел својата четиринаесетилјадна ослепена војска како се враќа од битката на Беласица против византискиот цар Василие Први. Се до освојувањата од Србите во 1334 година, крепоста на Маркови Кули е под власта на Византија која ја користи како истурен бедем.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved