Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Село Девич

Се наоѓа на 8 км од Македонски Брод по течението на реката Треска. До него се стигнува по патот Брод -Самоков по асфалтиран пат. На еден километар пред Девич има знак за вртење в лево. Преку мост се поминува реката Треска и се влегува во селото. На патот Македонски Брод -Самоков од десната страна околу два километра од селото се наоѓа пештерата Пештна која е препознатлива по својот голем отвор. 

Во селото под Девичини кули тврдината над селото, која, според легендата, ја изградил Крали Марко се пофалија дека најубавите мажи потекнуваат од Девич.  Девојките од сите околни села доаѓаа на корзо во Девич да ги гледаат убавите мажи, а и не имаше многу, ама се испоженија и си заминаа од селото.  За тврдината од која сега на ридот над селото се останати само неколку камени sидови, раскажуваат тие, имало повеќе легенди, но најубаво ги прераскажувала седумдесет и тригодишната Бранка Митревска, една од постарите жителки на Девич. Ја најдовме како го средувадворот. Митревска вели дека според легендата што за кулите и ја раскажувала баба и Севда, во нив живеела Дева, една од четирите сестри на Крали Марко. По неа тие биле наречени Девичини кули, а од таму и селото го добило името Девич. Пеша, пак другата сестра на јунакот, живеела во големата пештера на другиот рид, преку патот, којашто се гледа од кулите. Пештерата по неа го добила името Пештна. Таму во минатото постоела цела населба, ама сега од неа не е останато ништо. "Баба ми ми велеше дека на ридот, од врвот каде што е кулата се до долу каде што покрај реката Треска се нивите со пченка и со тутун имало скали. Кај последната скала некогаш постоела чешма на која се миела Дева, а веднаш до неа било скриено азното, златото на Крали Марко кое го чувало некое животно", раскажува Митревска. До Девичини кули се стигнува по земјен пат од селото Девич покрај течението на реката Треска. Прво се поминува покрај убави зелени тревници и стари добро зачувани куќи. Откако ќе се излезе од селото, почнуваат нивите посадени со тутун и пченка, а после нив започнува височинка која мора да се изоди пеш за да се дојде до тврдината. Од врвот на ридот каде што се Девичини кули како на дланка се гледа и селото и рамното поле покрај реката и живописните ридови од другата страна на патот.

Во Девич се прераскажува и легендата за Девичини кули. Според неа, во нив живеел Драгоман, чичкото на Крали Марко. Еден ден кај него дошло на поседок некое девојче. Кај чичко си на гости дошол Крали Марко, па кога видел колку е убаво девојчето го таксал за жена. Но налетале Турците и го грабнале убавото моме. Никој не знаел каде исчезнало, па нејзиниот татко, Крали Марко и чичко му Драгоман го бареле по течението на реката викајќи "Дево девице, јави се каде си" и така кулите над реката го добиле името Девичини, а подоцна и селото по нив било наречено Девич. Селото и сега живее како во легендите. Мештаните велат дека во Девич имало и подобри времиња, но и дека сега не се живее лошо.

Китино Кале

Тврдината датира од римско време. Податоци за постоењето на Кичево (како Кичавис) има од времето на византискиот император Василиј II. Во тоа време градот бил доста добро утврден и претставувал значаен воено-административен и трговски центар на Самуиловото царство. Се знае дека тука претстојувал и српскиот цар Урош II во 1320 г. Тогаш конечно византиските војски го напуштаат градот кога потпаѓа под српска власт се до 1385 г.  кога го заземаат турците. Името Китино кале го добива по Кита, сестрата на Крале Марко која живеела во дворецот на Калето. Кичево во ова време го викале и Китинград. Подоцна (околу 1850 г.) ја губи својата улога и е напуштено, по што околното население го користи каменот од тврдината за да гради објекти. Се претпоставува дека тврдината (со градот околу) имале три бедеми и неколку квадратни кули. Надворешниот, го окружувал градот. Двете останати служеле за одбрана. Последното ниво било каде што денес се наоѓа спомен костурницата. Таму бил и дворецот. Од овие бедеми се откриени двата внатрешни, кои не се проучени. Третиот не се знае каде е. Портата на последното ниво и денес малку се познава и е на скалите пред паркчето. Тука сеуште стои една од кулите. При градењето на спомен костурницата, голем дел од тој дел е уништен. Тогаш се најдени и пари од времето на Александар Македонски и Јустинијан како и од времето на кралот Волкашин. Останатиот дел е релативно сочуван и се наоѓа под земја. Делот од градот кој се наоѓа под калето и е една од старите населби се вика Подварош со што се гледа дека некогаш на калето опстојувал град, односно варош. Под тврдините се наоѓале гробиштата на жителите на калето или градот. Некои од откриените гробници се правени на спратови, а месното население тврди дека тоа е така бидејќи слугата е заедно погребуван со господарот.


| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved