Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

30-тина испоснички ќелии-скитови 

Во кратовско-злетовската област има 30-тина испоснички ќелии-скитови кои се' уште се целосно неоткриена тајна за некогашниот аскетски живот на монасите што се населувале во запуштените и непроодни места во кои имало манастири и се оддавале на пост и молитва. Најголем дел од нив се запуштени пештери до кои тешко се стигнува, а за богатото духовно минато најчесто говорат само остатоците од фрескописите. Освен испосниците Писан Камен во село Шлегово и Маркова Куќица во селото Трновац, од кои едната е посетена, а другата заштитена, сите преостанати скитови се препуштени на забот на времето. Најпривлечна и најатрактивна за верниците и посетителите е испосницата на свети Гаврил Лесновски, во Лесновската Гора, во месноста Облов Врв. Оваа пештера се наоѓа во селото Куново, на ридот Облово, оддалечена од Кратово околу 14 километри. Според легендата што се раскажува во Злетовско, откако Гаврил се закалуѓерил, престојувал во повеќе испоснички ќелии пред да стигне во скитот во непроодната шума на Облово. Во еден од скитовите тој живеел од млекото на една коза, која точно во определено време доаѓала кај него. Но откако стопанот му забележал на козарчето дека козата секој ден доаѓа измолзена, тоа почнало да ја следи и ја открило тајната на Гаврил. Не сакајќи луѓето да знаат каде испостува, тој заминал на планината над Злетовска Река, каде што останал многу години и каде што починал, а за неговото живеалиште не знаеле ниту манастирските калуѓери. Неговите мошти ги пронашол некој калуѓер Русин од Софија, на кого Свети Гаврил му се јавил на сон и му рекол да го пренесе неговото тело во Лесновскиот манастир. Тој му го кажал сонот на митрополитот, кој со другите епископи дошол во Облово и со свечености го пренеле во манастирот. Според преданијата, свети Гаврил посоветувал некого како да бидат пренесени неговите мошти низ непроодната гора. Тој му рекол да отиде со другите луѓе во селото Петршино, каде што имало два црни јунци-близнаци што биле толку силни што никој не можел да ги впрегне и со кола да го пренесат телото. Патот ќе им се отворел од самосебе, под услов никој да не се свртува назад. Така и било, но кога стигнале во близина на манастирот, некој од нив се свртел и патот веднаш се затворил. Тогаш морале со чекани и секири да пробијат пат до манастирот.
Пештерата Маркова Куќица во селото Трновац, каде што се наоѓа средновековна ќелија со два влеза и обликувано седало, а дури има и претпоставки дека таа можеби потекнува уште од бронзеното време. Единствено посетена испосница, пак, е скитот Писан Камен во Шлегово, каде што се наоѓа и манастирчето „Свети Илија“. Ова место го добило името по турскиот збор писано, што значи мило, а на каменот луѓето се молеле за здравје. На карпите над пештерата има остатоци од фрески, а до неа и извор за кој се верува дека ги лекува болестите на очите. Луѓето го посетуваат ова место и во него бараат спас, а посебно последниве 25 години, откако е изградено манастирчето и има каде да престојуваат посетителите. Тоа е посветено на светецот Илија, затоа што на една жена од Шлегово тој и' се јавил во сон и таа го изгради. Во овој скит престојувале испосниците од блискиот манастир, а сред рекичката што тече веднаш до него и денес постои јама за вода, длабока осум метри, која им служела на духовниците. Наневски раскажува дека за време на Кралството СХС, власта сакала да го измести сегашниот пат од Штип за Кратово над карпата на која се насликани фреските на тројца свети Илии. Но како курбан загинал еден работник, по што било одлучено патот да остане на старото место, каде што е и денес.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved