Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

ДЕМИР ХИСАР


Месноста „Кале” е името за врв на еден вулкански куп 1,5 км јужно од Бучин и 240 м високо над околината (845 м.н.м.). Црна Река, излегувајќи од Демирхисарската теснина, врти во голем лак околу Калето пред да избие во Пелагонското поле. Горе од врвот се пружа поглед многу километри на сите страни. Најстари остатоци. На врвот, во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер, зајакнато со 3 кули на аглите, кое што затворало простор со димензии 200 х 125 м (1,8 ха). Траги од куќи се гледаат во источниот дел. Наоди: доцноантичка керамика, монети од доцниот 4/6 век. Местото служело како збег на населението на Алкомена, голема населба во северното подножје, а потоа било постојано населувано. Стари рудници на железо лежат на падините неколку км југозападно оттука, а парчињата железна згура во крепоста укажуваат на преработката на железото. Средновековни остатоци. Траги од обнови на обѕидието нема. Најдени се ретки парчиња од средновековната грнчарија, железни врвови од стрели и средновековни ситни алатки; една монета (фолис) на Јован Цимиск (доцен 10 в) меѓутоа провртена и користена како приврзок-украс. Со обновувањето на рударството во Демир Хисар во доцното средновековие очигледно била повторно користена и старата крепост; можеби само одвреме-навреме. Во борбите помеѓу византискиот цар Андроник III и Србите околу овие рудоносни области во 1329/30 г., покрај „градовите” Добрун, Габаларион и Дебрица е спомнат и фрурионот Бутсинин (Бучин). Пред и по ова Бучин не се спомнува. Напротив, српските документи во 1343/4 и 1344/5 г. го спомнуваат селото Бучин, како имот подарен на манастирот Трескавец кај Прилеп. Тврдината очигледно била сосем напуштена.

„Градиште” се вика издвоениот и 160 м висок куп среде рамницата на устието на Стара Река во Црна. Преку едно ниско седло купот е поврзан со планините на север. Селото Граиште лежи во јужното подножје. Граиште претставува математички, географски, сообраќаен и стопански центар на областа Демир Хисар—античкиот Дериоп и средновековното Железно (Добромир), каде што главната стопанска дејност, од предисторијата до денес, била експлоатацијата на железо. Денешниот центар Демир Хисар (Мургашево) лежи 2 км југозападно од Граиште. Најстари остатоци. На зарамнетиот врв на купата и на двете тераси јужно од него, во раната антика бил изграден градот Брианион, со површина од 12 ха. Во доцната антика врвот бил повторно укрепен, со малтерно обѕидие зајакнато со 8 кули. Кастелот зафаќал 2 ха, а на терасите под него се раширило подградието. Наоди: стотини монети од доцниот 3/6 век; многу железна згура и топено олово. Ова несомнено бил центарот на целиот рудоносен регион Дериоп. Средновековни остатоци. Во северниот дел на акрополата се протега еден внатрешен ѕид, влечен во прави потези но граден без малтер, што затворал простор со димензии 90 х 30 м. На северната и на западната страна се потпирал врз доцноантичкиот ѕид, кој што останал добро запазен и во подоцнежните векови. Ова било јадрото на средновековниот фрурион („град”) Добрун, потврден со повеќе наоди: средновековна грнчарија, ситните предмети исковани од железо и повеќето византиски монети: анонимни фолиси од средината на 11 век, бакарни скифати од 12/13. век (во музеите во Битола и Скопје). Траги од цивилно подградие нема. Очигледно е дека во доцниот среден век експлоатацијата на рудата веќе била поместена на западниот дел од овој регион, каде израснал новиот центар, градот Сидерокастрон (Железнец) со цивилно подградие. Во борбите помеѓу византискиот цар Андроник III и Србите во 1329/30 г. околу рудоносните региони Демир Хисар и Дебрица, покрај Бучин, Габаларион, Сидерокастрон и Дебрица се споменува и „фрурион Добрун”. Традицијата на ова име живеела cи до нашето време; уште на почетокот на овој век овој регион се викаше „Железно”, а поретко и „Добромир”. И денес една месност во југозападното подножје на Граиште се вика Добромирски дол.

„Градиште” се вика долгиот и тесен рид што се издига на јужниот дел на Железнец, над устието на Кушница во Црна Река. Висок е 130 м (847 м н.м.), има стрмни страни и зарамнет врв. Во подножјето поминува главниот регионален пат, денес патот Кичево - Битола. На планинските падини јужно од Градиште лежат бројни рудокопи на железо од антиката и  средниот век. Оттука и средновековното и ново име: Железнец, византиски — Сидерокастрон, турски — Демир Хисар. Најстари остатоци. На врвот на Градиште била изградена укрепена населба во хеленистичко време, датирана со македонски монети од 4.—1. век ст.е. Во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер, околу простор кој зафаќал 4 ха. Југоисточниот дел го претставувал јадрото на крепоста. Внатрешниот простор бил терасесто изделен во неколку долги потези, делумно подѕидани, со траги од куќи и други градби. Подградието се оформило на тесниот срт северозападно од крепоста, одделен со ров од неа, но исто така, опфатен со ѕид. Наоди: доцноантичка керамика, монети од доцниот 4/6 век, многу парчиња поситни предмети ковани од железо, алатки, железна згура. Средновековни остатоци. Во доцниот среден век животот во крепоста бил обновен. Подградието било оставено неукрепено. Целосно бил обновен западниот ѕид и изградена мала акропола на северозападниот агол, во цврста малтерна техника. Денес на теренот се запазени овие обнови мошне добро (за разлика од доцноантичките делови): една челна кула, една кружна и една полукружна полукула, потоа централната кула-донжон (13/14 в.). Најдени се повеќе монети од 13/14 век (Латински имитации; Андроник II Палеолог и др. потоа венецијански од 14) и шпански од 16 век.

Гратчето Железнец (Сидерокастрон) зафаќало површина од 2,8 ха и претставувало регионално стопанско и управно средиште во 13. и 14.век. Забележано е во врска со борбите околу овој регион што се воделе помеѓу Византија и Србија (Сидерокастрон); потоа за време владеењето на Стефан Дечански или Душан како „град Железн’ц".

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved