Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
Заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ

Македонската православна црква го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј.Именден празнуваат: Климент, Климе, Климентина...
Патрон на македонската православна црква
Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во Моравија, и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија, во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.
Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.
По смртта Господ го прославил со многу чуда. Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителна содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и сл) во охридскиот крај се поврзани со неговото име.

Заштитник на градот Охрид

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла - собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот односно на 8 август според новиот календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“. Уште за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на денот кога светата христијанска црква го празнувала споменот на светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот или 8 декември според новиот календар. Поради тоа подоцна светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/8 август) се празнува споменот на светите седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Кој е свети Климент папа Римски?

Но, кој бил свети Климент папа Римски, чиј спомен се празнува на денешен ден, и кој свети Климент Охридски го празнувал како свој именденСветиот свештеномаченик Климент е трет по ред папа римски е роден во Рим и потекнувал од царско семејство. Во младоста ги изучил сите науки, а потоа го примил христијанството откако за ова учење слушнал директно од устата на христовите апостоли Петар и Павле. За време на царот Трајан бил протеран во Херсон на Крим каде што продолжил да го шири христијанството. Многу народ покрстил од Александрија до Херсон поради што бил погубен по царска наредба. Во 101 година му бил врзан камен околу вратот, а потоа бил фрлен во морето. Добрите христијани го нашле неговото тело и пристојно го погребале. Подоцна кога светите Кирил и Методиј биле во мисија во овие краишта ги нашле неговите мошти и ги понесле со себе. Кога од Моравија светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со себе ги носеле и светите мошти на св. Климент., поради што биле пречекани со големи почести. Поради тоа што живеел и маченички настрадал, а и светите мошти му биле пренесени уште кога христијанската црква не била поделена на источна, православна и западна католичка, денес и православната црква го празнува како голем маченик за христовата вера.

Тропар
Свети Климент Охридски
Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал, преблажене, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме Твојот божествен спомен, Клименте.
Народно предание за Свети Климента
Во г. Охрид има изобилни и од секаков вид овошја, какви не секаде се наоѓаат. Кажуваат дека свети Климент не само луѓето од охридскиот крај ги просветил преку христијанската вера, туку дека и самите плодородни дрвја ги оплеменил, кога од Азија пренесол во градот питоми овошја, садници, та ги облагородил дивите до тогаш месни овошни дрвја.
Од записите на Кузман Шапкарев  (Подготви Марко Китевски)

Преданија и легенди за Свети Наум
Свети Наум и Света Марена – брат и сестра
Кај нас во Тушемиште и пошироко се вели дека Света марена му била сестра на Свети Наум. Таа е позната по своите чудотворства.
Црквата Света Марена се наоѓа во Л’нга на планината Мокра. Кај неа се наоѓа убава пештера, во која има прекрасни сталактити и сталагмити. Камењата откај Света Марена се многу лековити. Нив луѓето ги чуваат во своите домови, ги носат со себе, а најмногу се познати за заштитување на малите деца од урокливи очи (од зарек). Се става каменот во вода и со таа вода се измива детето.
Братот Свети Наум и сестрата Света Марена на спротивните планини изградиле свои храмови наспроти еден кон друг за постојано да се гледаат.

Свети Наум еден од тројцата светители
Тројцата светители: Свети Наум, Света Марена и Свети Спиридон биле од местото Чоровода кај Берат. Оттука тие заминале во три правци.
Свети Спиридон останал во Берат. Затоа црквата во Берат го носи неговото име – Свети Спиридон, Света Марена отишла во Л’нга и таму има нејзин храм. Свети Наум слегол подолу, во местото Плоча кај селото Загоричани.
Во Загоричани Свети Наум седнал на една плоча за да се одмори. Со босите нозе каде што газел местото останало бележито. Таму живеел еден Ѓуптин. Нему Свети Наум му рекол:
- Ова место загради го и секоја вечер тука да палиш кандило.
Ѓуптинот навечер палал кандило на местото на коешто седел Свети Наум, ама некогаш ќе заборавел. Тогаш ноќта на сон му се јавувал Свети Наум и го опоменувал да не заборава. Тоа место до скоро се познаваше.
Бидејќи во Загоричани никој не му дал леб, гладен Свети Наум дошол во Тушемишта, но не влегол в село. Застанал кај крастата. Таму му се пуштило куче да го каса. Никој не стрчал да го одбрани. Гледајќи го во опасност, говедата се спуштиле по кучето и го одбраниле Свети Наум. Тој тогаш благословил:
- Вие говедата, да се множите, а селото толкаво да остане.
Ете затоа нашето село Тушемишта не се зголемило како другите околни села. Тоа ни е проклетството од Свети Наума – велеа постарите.
Дошол Свети Наум на изворот На Јазма. Бил гладен. Отишол понатаму. Побарал леб во некоја куќа. Домаќинот веднаш му дал леб, но гледајќи го белобрадиот старец, му се исповедал:
- А бре стрико, да те прашам нешто. Те гледам искусен и од далеку. Белки ќе можеш да ми помогнеш. Имам доста имот, а од пород само една ќерка, но е несреќна. Ќелава е, а девојка. Заради тоа и таа и јас страдаме. Да не знаеш некое чаре, некој лек за тоа?
- Лесна работа за тоа! Ќе ја земам со себе и по некој ден ќе ти дојде со бујна коса.
Свети Наум ја зел девојката. Со ставање рака на нејзината лава и со миење од изворската вода ја излекувал. Кога му ја донесол на таткото тој не ја познал.
- Не не е ова мојата ќерка. Ти ми ја имаш сменето - велел таткото и од лутина само што не му се нафрлил.
- Ја сум, татко, јас сум! Ми порасте косата и затоа не ме познаваш! – му рекла пресреќна ќерка му.
На радоста на таткото и немало крај.- Што сакаш да ти дадам за ова добро што ми го направи? – го прашувал таткото Свети Наума.
- Ништо не сакам! – му одговорил Свети Наум.
- Како ништо?! Ти ми ја врати волјата за живот, ми ја усреќи ќерката, ќе ти го дадам сиот имот од Черава до Езеро.
Така Свети Наум го стекнал големиот имот, ама за негова обработка требаат луѓе па зел работници. За нив подигнал колиби близу до изворите. Така настанала населбата колиби, која по 1948 година беше растурена.
Свети Наум е познат по неговите чуда. Тој помага но и казнува. Познат е случајот со мечката што му го изела волот на орачот. Ја казнил три години да биде прегната со другиот вол колку што ќе живеел изедениот вол.

Свети Наум и мечката
Вакви приказни и преданија за чудата на Св. Наум ги има во изобилство во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението, без разлика на вера и народност, што тоа ги манифестира кон св. Наума. (Заб. на К. Шапкарев)
Едно време, кога орачите од Св. Наумовијот манастир си орале на нивјето, им дошла една мечка, та им изела еден од орачките волои. Ралото или плужницата им останала со еден вол, та не можело веќе да се орат.
Орачот со трчање дошол в манастирот и му казал егуменотому, оту мечката дошла на нива, та му го изела еднијот вол.
- Сега немам - рекол орачот, - со шчо да доорам нивата.
- Ходи си ти на нива - му рекол егуменот, - тамо ќе си го најдиш волот во плугот, впрегнат во јаремот.
Орачот си ошол на нива, кога шчо да видит? - Чудо големо! Мечката, шчо го изела волот, впрегната била на плугот во јаремот заедно со другијот вол. Орачот си доорал нивата со еднијот вол и со мечката до него, впрегната во јаремот.
И до ден денеска тоа чудо стоит написано на иконата Св. Наумова и на камењата по ст’рните од мостот Дримски, близу до манастирот.

Свети Наум – Рајско место
Кога починал Свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел Свети Наум на земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за Свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: „Она е твојот рај, ти таму ќе бидеш засекогаш.“ Ете зошто Свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро.

Свети Наум и Свети Климент истовремено почнале да ги градат своите храмови
Свети Наум и Св. Климент, проповедувајќи ја, секој на едната страна од езерото Христовата наука, решиле и заедно да подигнат богомолишта и така црквата Св. Климент во Охрид и манастирот Св. Наум истовремено почнале да се градат. Ѕидарите од еднио до другио рид, на кои се подигаат овие цркви, затегнале едно јаже преку езерото и преку тоа јаже си ги додавале потребните алати. Па се договориле уште и тоа, за да се види која црква порано ќе се заврши вака да направат: кога ќе се затресе јажето, да се прекине работата на обете страни да се види колку која е готова. Црквата на Св. Климент била уште за малку готова, уште кубето да се направи, но на јажето паднале црни чавки и јажето се затресло, а ѕидарите помислиле дека тоа е даден знак и престанале да работат (затоа на Турците им било лесно да ја потурчат оваа црква, додале само минаре, а кубе немало). А кај Свети Наум уште работеле и кога довршиле чекале да им се даде знак, но знакот го немало. Утредента на јажето паднале бели гулаби и јажето се затресло, но Свети Наум уште вчера бил готов.

Како Турците го почитуваат Свети Наум
Со својата почит кон Свети Наум Турците често ги засрамуваат и православните Христијани. Всушност Свети Наум им помага и на Турците и на Христијаните, само кога му се обраќаат за помош со искрена верба и молитва. И сега има меѓу Турците живи сведоци коишто знаат за многу случаи на чудотворната моќ на светецот меѓу нив.
Стојче Бачев бочвар од Охрид, расправа како еднаш на манастирскиот панаѓур влегле и некои Турци по него во гробницата на Свети Наум. Бидејќи го познавале го замолиле да им ги објасни ликовите на светиите во гробницата. Стојче има кажувал: овој е Свети Климент, овие се Кирил и Методија; овој е тој, овој е тој, Турците внимателно и со молчење слушале. А кога Стојче им го покажал со прст ликот на Свети Наум и им рече: „Овој е Свети Наум“, сите Турци ахнале и радосно извикале: „А, тој е нашиот татко“.

Свети Наум е жив
Се опкладиле игуменот на манастирот Св. Наум и бегот од Поградец. Игуменот му рекол на бегот, дека Свети Наум е жив. А овој пак му рекол дека не е жив и ништо не можит да сторит. Игуменот рекол:
- Да е пуштиме чашава, полна со вино, долу в езеро. Ако се истурит Св. Наум не постоит. Ќе ти го дадам манастирот и полево. Ако не, ти ќе ми го дајш твојот имот.
Кога игуменот е пуштил члашата в езеро, таја застанала над водата и не се истурила. Тогаш бегот се уплашил и вистина поверувал дека Св. Наум постоит. Целиот имот го поклонил на манастирот и цела година, на празникот одел да се поклонит на светецот.
После на игуменот, му дошол на сон Св. Наум и му рекол:
- Немој уште еднаш да се кладиш на манастиров, зашто секогаш не сум тука. Кога се кладеше и ако не бев тука, чашата ќе се истуреше и ти ќе ме потурчеше!
Од тогаш. се знајт и стаирте верват, дека Св. Наум е жив и дека постојт.

Излекување на еден луд
Поп Стефан Ѓорѓиев од Охрид го раскажува следниов настан чиј очевидец бил.
Во 1900 година, по богослужбата, неколкумина седевме под настрешницата пред манастирската црква. Во манастирот во тоа време беше еден младич Ѓорѓи од Епир. Неколку недели пред тоа го донесоа негови роднини и го оставија во манастирот Беше сосема луд и надвор од себе. По цели дни трчаше околу манастирот без починка, бладаше, зборуваше без врска, не бараше ниту примаше храна, а одеше речиси сосема гол. Додека ние седевме и разговаравме, Ѓорѓи неколку пати го заобиколи манастирот трчајќи. На нас не обрнуваше никакво внимание како воопшто да не постоевме. А ние навикнати на неговото поведение не му обрнувавме внимание. Но наеднаш застана пред нас и почна полека да ја врти главата кон врата на црквата како да гледа во некого Потоа ги истри со рацете очите и лицето, погледа кон нас и запраша: „Каде сум јас?“
Ние му одговоривме: „Во манастирот Свети Наум. Како ти е Ѓорѓи?“ Тогаш тој ни раскажа:
- Јас бев во еден голем пламен Пламенот ми одеше од појас нагоре до над глава. Целата глава ми беше во пламен. Ништо не гледав, освен тој пламен. Но етос ега дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега веќе нема пламен. А старецот ено полека влезе в црква.
Потоа Ѓорѓи се погледна себеси и почна да си реди некаква крпа што му висеше по бутовите. Му донесоа облека. Тој се облече. По два-три дена го пуштија од манастирот и тој сам си отиде дома му...

Од книгата „Чудата на Свети Наум“ од Стојан Ристески, Охрид 2009. (Подготви Марко Китевски)



| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved