Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Скопското кале

Непосредно до Старата скопска чаршија, на високо издигнато плато, доминантно место зазема Скопското кале. Наоѓајќи се на многу значајно стратешко место, низ вековите неговото постоење е сврзано со животот на градот. Материјалните докази потврдуваат дека на овој простор постоеле населби датирани во доцниот неолит, но како упориште е веројатно утврдено по катастрофалниот земјотрес од 518 година. Најстарата архитектура на Калето потекнува од 535 г., од времето на владеењето на Јустинијан I. Toa e време на нападите на варварите и словенските племиња кои го натерале владетелот да обрне поголемо вни мание за одбрана на градовите. За градењето на оваа тврдина користени биле камени блокови од урнатините на градот Скупи, локалитет што се наоѓал во близината на Калето и што бил разорен од катастрофалниот земјотрес во 518 година.



A - Киклопски бедем

B - Обла кула

C - Соборна или ритерска кула

D - Водена кула

E - Црква Св. Георгиј

F - Јужна порта

G - ’Рбетеста кула

H - Источна порта

I - Царски друм

Најпрецизни податоци за Скопското кале среќаваме кај Евлија Челебија: „Тоа е утврден град, цврста и јака тврдина, со двојни бедеми. Градската порта и бедемите се изградени од делкан камен кој свети како да е полиран. Толкава префинетост и уметност на обработка не може да се види ниту во еден друг град. Градот лежи во средината на Скопје.Тоа е висок град и претставува градба со петоаголен облик. Бедемот со кој од сите страни е опколен градот, висок е педесет аршини. Градот е опкружен со седумдесет бастиони и три демир (железни ) порти на југоисточната страна, а во предворјето на секоја порта се наоѓаат многу стражари. Вратата и ѕидовите се накитени со разно оружје и алат потребен за оружјето. He постои положба што би доминирала над градот, а тој самиот лежи на високи карпи и од него се гледа целото поле“. Од западната страна тече реката Вардар. На таа страна има пат што води низ пештерата „Водна кула„ што се наоѓа на брегот на реката. На таа страна се наоѓа бездна, таму нема излез. На страната пред портата се наоѓа дрвен мост префрлен преку шанецот. Во ваква положба тврдината ја затекнал и австрискиот војсководител Пиколомини во 1689 година, дознаваме од неговото писмо испратено до австрискиот цар Леополд. Од патеписците кои ја посетиле тврдината во 19-от век забележливо е дека тука имало магацини и барутана, воена болница и затвор. Co губење на одбранбената функција, тврдината обично се користела за воени потреби. Во поново време тврдината се користеше и за музејски потреби.

Катастрофалниот земјотрес од 1963 година предизвика големи оштетувања, што бараше посебни конзерваторско-реставраторски работи на ѕидините. Реставрирани се и некогашните округли кули со топовски места. Некои од квадратните кули, надвиснати над Вардар, делумно се реставрирани. Денес Скопското кале, со новиот проект и уредениот парк, служи за прошетка на граѓаните. На калето во сектор 7, надвор од бедемите, до северната порта откриена е куќа од доцнобронзениот период. Објектот е уникатен, бидејќи на Скопската тврдина, во сите досегашни археолошки истражувања, не е констатиран објект од доцно бронзено време. Посебно значајно е што објектот е откриен цел.. Интересно е тоа што овој објект неколку пати бил обновуван. Откриени се неколку дупки од големи масивни колци, диреци кои го држеле покривот, неколку помали дупки, една печка за печење леб, која била обновувана најмалку два пати. Инвентарот внатре во куќата е вообичаен за доцно бронзено време за периодот околу 1100 г. Во близина на куќата е откриена свирка од тој период, а пронајдена е и сива керамика, садови, ситно монистро од зелена стаклена паста. Археолозите под објектот констатирале и друг слој на горење, кој го поврзуваат со друга голема светска катастрофа - во 1550 г пред нашата ера, кога се случила вулканската ерупција на Санторини, блиску до Крит.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved