Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

Јустинијана Прима

Јустинијана Прима бил изграден во шестиот век од императорот Јустинијан, за кој постојат податоци дека е роден во Таурисион, каде што се наоѓа денешното село Таор во Скопско. Откако дошол на власт, во чест на својата мајка решил да изгради раскошен град. Според неговиот личен биограф и историчар Прокопиј, царот Јустинијан сакал да му се оддолжи и на своето родно место и го изградил овој град - споменик. Бил наречен Прима (Прва), бидејќи владетелот сакал овој град според убавината и раскошот да биде прв, односно водечки град во земјата. Всушност, тој станал и архиепископско и управно седиште на големата префектура Илирик, која се протегала од Дунав па до Крит. Меѓутоа, по смртта на Јустинијан во 565 година значењето на градот се намалува, му се губи сјајот, а потоа, од почетокот на седмиот век, и трагите. И токму затоа, поради кусото (неколкудецениско) постоење, има малку податоци за него и станува загадочен. 
За откривањето на местоположбата на овој град, кој бил голем, богат и значаен, има неколку претпоставки (во Јужна Србија, Охрид, Ќустендил), но најсигурните претпоставки, кои се засноваат врз научни сознанија, е дека тој се наоѓал на територијата на денешно Скопје. Прво, ако Таурисион (Таор) е родното место на царот, логично е тој градот во чест на својата мајка да го изгради во непосредна близина. Второ, и хроничарот од тоа време Прокопиј наведува дека градот се наоѓал мошне близу до тврдината наречена Бедеријана, (денешно Бадер во Скопско), каде што имало место по име Таурисион. Потоа и познатиот англиски научник сер Џон Артур Еванс (кој ја открил минојската цивилизација на Крит, а во минатиот век престојувал и во Скопје) и Хан тврдат дека Јустинијана Прима се наоѓал во близината на античкиот град Скупи. Градот е наследник на епископијата Скупи, преземајќи ја нејзината јурисдикција, а последниве години македонските археолози открија и материјални остатоци (тврдини) од шестиот век кај денешните скопски села Таор и Бадер. По уривањето на Скупи од земјотресотво 518 година, набргу во негова близина е изграден нов град - значи многу веројатно Јустинијана Прима, и за таа намена од Скупи е пренесен репрезентативниот градежен материјал, што е констатирано и од досегашните ископувања на Скупи. Како што наведува професорот Иван Микулчиќ, многу столбови и капители, довратници и надвратници, скалила, делкани блокови, украси од фасадите, односно само од театарот околу две илјади големи камени блокови се однесени по земјотресот во 518 година, време што се совпаѓа со градењето на Јустинијана Прима. А многу блокови, римски стели, ари, столбови, повторно употребени, и денес се гледаат вградени во ѕидот на Калето. Челниот ѕид на Калето ја делел акрополата од станбениот простор - претпоставената Јустинијана Прима, ѕидот е обложен со повеќе илјади травертински блокови, а специфичниот преплетен слог овозможил да ги издржи сите војни и земјотреси во последните 1.400 години. Според сознанијата што ги презентира Микулчиќ, ваков градежен слог потекнува од шестиот век. Тој вели дека во средновековниот град Скопје постоеле повеќе од дваесет цркви, потврдени со пишани документи. Ниту една од нив се уште не е откриена. Но, при ископувањата за комунални потреби во Скопската чаршија, е увидено дека јадрото на стариот град лежел на просторот меѓу Калето, Мустафа - пашината џамија, црквата Св. Спас, обиколен исто со одбранбен ѕид. Под него се ширела неукрепена чаршија. Забележаните цркви укажуваат дека тие биле градени во голем дел врз веќе постари урнати цркви, несомнено врз локацијата на Јустинијана Прима. 

И тврдината Маркови Кули на источната страна на Водно, истражувана од 1976-1980 г., е изградена во шестиот век, најверојатно за потребите на раскошниот град на Јустинијан - како последна негова одбрана. Освен тоа, аквадуктот (римскиот водовод) што се наоѓа северно од Калето (кај Визбегово) е со градежни карактеристики кои потекнуваат од крајот на антиката, а како голема и скапа инвестиција се поврзува со градот на некогашниот император од Таор, кој многу веројатно лежи под земјените наслаги некаде во центарот на Скопје. И тоа не некаде под денешните бетонски станбени блокови, туку на Калето.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved