Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

ПРИЛЕП

Маркови кули. Над Варош, со својата фасцинантна убавина се издигаат Марковите кули, симбол на градот Прилеп и еден од најатрактивните локалитети во земјава. Несекојдневните природните форми со кои изобилува ова место, го привлекувале вниманието на луѓето уште од најстарите времиња. Оттаму, тие во себе кријат долги векови историја. Континуираниот живот кој се одвивал низ сите временски периоди (неолит, бронзена епоха, железно време, антика, среден век и се до денешни времиња), оставал траги кои сведочат за една богата духовна традиција на просторот. Тој изобилува со древни пораки, култни места, храмови и гробови, кои зборуваат за долгиот процес на создавање и развивање различни цивилизациски системи и култури. Сепак, овој локалитет е најпознат по средновековното кралство на В'лкашин, а особено на неговиот син и наследник, кралот Марко. По овој легендарен владетел, локалитетот го добил името Маркови Кули. Во средниот век, биле подигнати голем број цивилни и службени градби во кои се одвивал интензивен живот. Прилеп бил и седиште на епископија, а кралскиот дворец се наоѓал во најзаштитениот дел на тврдината.

Скаменета баба. Се верува дека кога Крале Mарко го градел калето ги собрал сите луѓе, и мажи и жени, да помагаат. Меѓу нив имало и млади мајки кои своите деца и ги оставиле на една баба да ги чува. Но, бабата не успевала да ги исчува сите бебиња и многу од нив умреле. Тогаш бабата се проколнала самата себе и се скаменила заедно со децата.

Китин камен. Многу јуначки подвизи се раскажуваат за Крале Марко и за неговата сестра Кита, кралица во Кичево. Еден ден кога Кита дошла во Прилеп, на гости кај брата си, се случил натпревар кој од нив двајца е појунак. Решиле да фрлаат камења. Марко зел еден голем камен, го фрлил накај селото Коњари и тој паднал близу до Варош. Кита зела уште поголем камен и го фрлила многу подалеку, дури до Каонарски синор. Двата камеnа се уште стојат таму и потсетуваат на силата на Марко и Кита.

Марков чардак. Бело поле, хеленистичка, доцноантичка и средновековна населба. Над селото, на висок рид се забележуваат остатоци од градби, ѕидови од бедем, цистерни и тн., од различни временски периоди. Местото е богато со ситни наоди и траги од културата на старите Словени.

Маркови кули. Градок, средновековна тврдина и црква. На еден висок рид, наречен Градок, над местото каде Лесничка Река се влева во Црна Река, постојат остатоци од бедем и од трикорабна базилика. Недалеку од неа има остатоци од мала црква. Базиликата и црквата се градени во иста техника и од ист материјал: приделкан камен, тули, варов малтер.

Марков ѕид. Прилепец., хеленистичка и римска тврдина и некропола. Локалитетот се наоѓа на еден километар оддалеченост од селото, на падините на Селечка Планина.

Маркова стапалка. Прилепец, доцноантичка некропола. Четири гроба-цисти, изградени од големи камени плочи, се откриени еден километар пред селото.

Маркови круши. Ракле, населба од римско време. Остатоци од кршен камен, фрагменти од керамички садови, имбрекси и др, како и повеќе цели питоси, се пронајдени на еден километар југоисточно од селото.

Стапалки од Крале Марко и Шарец. Песјобрци. На камења се забележуваат траги за кои народот раскажува дека се од стапалата на Крале Марко и од копитата на Шарец.

Крклари (турски 40 браќа), турски гроб во кој била закопана една девојка која за дваесет и четири часа родила четириесет машки деца кои сакале да го убијат Крале Марко. Четириесетмина Турци се побратимиле и се договарале да го фатат навечер Крале Марко и да го убијат. Но, Марко ги убил сите. Кога турците ги нашле убиените, ги закопале и ги прогласиле за свети. Оттогаш, секој петок на гробовите им палат лоени свеќи.

Плетвар. На патот за плетвар има една спија која ја пресекол Крале Марко со сабјата.

На релација помеѓу прилепските села Долгаец и Стровија во месноста Крст постои маса на која Крале Марко се гостел. Локацијата има и стапки за кои се верува дека се од неговиот коњ Шарец. /14 Ноември 2005, Информација од наш посетител./

Интересен запис за Марковата чебур чаша оставил Атанас Шопов (објавен во 1893). Врз основа на кажување на месното население тој сведочи дека таа чаша долго време се чувала во манастирот Трескавец. „Раскажуваат во Прилепско, дека во Трескавечкиот манастир се чува ’Марковиот Чебур‘ со кој тој секогаш се служел и кој собирал 77 оки вино. Се распрашав за таа Марковска чаша и ми кажаја дека таа до скоро се чувала во манастирот, но сега веќе ја немало. Луѓето што ја гледале таа ’Чебур‘ ми објаснуваа дека тоа била голема сребрена чаша, зачувана од стари времиња".

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved