Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

ОХРИД

Месноста „Кула” лежи 0,5 км западно од Годивје. Претставува 70 м висока тераса, јазичесто издадена меѓу две длабоки бразди. Лесно е пристапна од запад, каде што преку мало седло преминува во масивот на Славеј планина.
Има голем преглед околу, cи до патот Охрид — Кичево и до долината на Сатеска 3 км на исток и планинскиот превалец Пресек 5 км североисточно оттука.

Најстари остатоци. Ретки парчиња од грнчарија и една најдена фибула потекнуваат од хеленистичко време. Во доцноантичко време било изградено обѕидие со малтер околу простор голем 230 х 50 м (1 ха). Повисокиот западен дел бил издвоен со внатрешен ѕид во малечка акропола, на чие што чело стоела издадена кула; нејзините темели, сложени од големи камени блокови, потекнуваат можеби од хеленистичко време. Наоди: парчиња од ковано железо (клинци, кламфи, алатки, врвови од стрели и др.). Стари рудници и траги од преработка на железна руда се регистрирани на повеќе места на планинските падини југозападно од Кула. Средновековни остатоци. На Кула регистриравме и парчиња од словенски црепни, а меѓу железните врвови за стрели има повеќе примероци за пробив на панцир, типични за зрелиот среден век. Несомнено е дека со оживувањето на рударството во Дебрица во тоа време и борбите помеѓу Византија и Србија околу овој регион (1329/30 г.), старата крепост кај Годивје била повторно користена. Траги од нови ѕидарски работи нема и ова упориште најверојатно било користено само повремено. Во документите од тоа време местово не е забележано.

Архиепископија Охрид, кастрон и варош. Старата населба се наоѓала во стариот дел на Охрид (Варош), изградена на двете ритчиња од кои повисокото за 80 м го надвишува езерото. Од запад и од југ природно биле бранети со езерото, а од север и исток со стрмни падини. Најстари остатоци. Ископаните археолошки наоди допираат до хеленистичко време; на повисокото западно ритче се развила населбата, а на источното ритче ги закопувале умрените. Богатите гробни наоди од 3/2 в.ст.е. зборуваат за растежот на Лихнид, веројатно грчка населба на територијата на северноепирското племе Десарети. И градот Лихнид од римско време е потврден главно преку движни наоди од гробовите и преку камени споменици со натписи и релјефи. Во преседлината меѓу двете ритчиња откопан е дел од римскиот театар со мермерни седишта и дел од една поголема куќа со мозаичен под. Во доцниот 5/6 век во Лихнид биле изградени бројни ранохристијански базилики; со сондирање и градежни работи потврдена е позицијата на 8 вакви цркви. Откопана е целосно најголемата меѓу нив (на Имарет), со поликонхална основа и богати мозаични подови, со крстилница и помошни простории. Градот бил голем 8-10 ха, а акрополата на врвот на ридот (Горни Сарај) околу 1 ха. Во 479 г. источноготскиот крал Теодерих Амал не успеал да го освои Лихнид поради силното обѕидие. Средновековни остатоци. Во словенските инвазии во доцниот 6 век несомнено страдал и Лихнид. Меѓутоа ромејската власт била набрзо обновена, како што зборуваат гробовите со наоди од 7/8 век ископани во Св. Размо, северно од Охрид. Околу средината на 9 век бугарскиот кнез Борис ја проширил својата држава до овие краишта и тогаш го презел Охрид од Ромеите. Силната црковна традиција обусловила тука да се развие центар на новата словенска црква. Во 886 г. во Охрид доаѓаат Климент и Наум и ја развиваат познатата црковна и просветителска дејност. На западното ритче (Имарет) кое не било населено, Климент го изградил својот манастир и таму подоцна бил погребан. Од доцниот 9/10 век датираат и најстарите словенски наоди, ископани во гробовите врз урнатините на спомнатата ранохристијанска црква на Имарет и на месноста Лабино. Од средновековниот Охрид останале запазени обѕидието на градот и тврдината на Уч Кале (Горни Сарај), како и 10 цркви. Најголемата меѓу нив е катедралата Св. Софија (средина на 11 век), потоа Св. Богородица Перивлептос (1295 г.), а од 14. век Св. Климент, Св. Никола Болнички, Св. Јован Богослов (Канео), Св. Богородица Болничка, Св. Богородица Челница Мали Св. Врачи, Св. Димитрија и Св. Никола Арбанашк, Од турскиот период потекнува Св. Константин и Елена. Откопана е и старата црква на Св. Климент на Имарет од крајот на 9 век. Во раниот среден век населбата Охрид не била укрепена. Таа била одбележана како емпорион (варош). По смртта на Самуил, во 1015 г. Василиј II без борба го зазел Охрид, а граѓаните го пречекале „со весели извици и певајќи побожни песни”. Тогаш царот во Охрид (емпорион) поставил свој човек за архонт (архонтите управувале со помали градови). Кога по убиството на Гаврила Јован Владислав се качил на престол, тој ја укрепил тврдината (фрурион) над варошот Охрид и во неа ја сместил државната каса (1016—17 г.). Тогаш Охрид станал престолнина покрај Преспа („метропола на цела Бугарија” според Георгие Кедрен, II, 185). По убиството на Владислав на самиот почеток од 1018 г. Василиј II влегол повторно во Охрид, ја испразнил касата и со неа ја исплатил војската, а тврдината ја срамнил со земјата. Со варошот натаму управувал византиски архонт, а Охрид останал црковен центар (архиепископија). Кога во 1072 г. Константин Бодин кренал востание во Призрен, го испратил војводата Петрило на југ. Тој меѓу другите градови го ослободил и Охрид „кој од времето на Василиј cи уште бил во урнатини”. Во зимата 1082/83 г. Охриѓаните ги повикале Норманите во Охрид. Боемунд го испратил војводата Пунтесиј и Охрид му се предал, но не и тврдината над варошот. Неаја бранел византискиот гарнизон, а Пунтесиј немал време да ја опседнува тврдината бидејќи брзал натаму. Од тоа заклучуваме дека царот Алексиј I Комнин несомнено веднаш по доаѓањето на престол ги укрепил кастроните на западната граница на Царството, загрозена од Норманите. Меѓу нив и Охрид. Оваа византиска крепост ќе функционира веројатно до 14 век, кога на нејзино место била изградена сосем нова. Темелите на постарата крепост (од 11. век) денес се гледаат надвор пред обѕидието на Горни Сарај. По cи изгледа дека овие темели се остатоци од доцноантичката акропола, обновувана во 1016/17 и 1081/82 г. Особеностите на ѕидаријата на обѕидието и кулите што денес се гледаат на Горни Сарај укажуваат на доцниот среден век. Главната порта на тврдината фланкирана со две потковичести кули, една полукружна и неколку правоаголни кули со отворена задна страна, како и со предимензионираната ширина на обѕидието се елементи креирани поради ширењето на артилеријата, која заедно со овие градежни детали во доцниот 14. век од Италија и Приморјето продреле на Балкан, па и во Охрид (сп. гл. VI). Нема сомнение дека Горни Сарај е дело на локалниот моќник Андреа Гропа, великиот жупан и „господин Охрида” како стои на неговите сребрени пари. Потврден е и на 2 натписа во охридските цркви, во 1378 и 1379 г. Владеел со Охридскиот регион од 1371 до 1385 г. И обѕидието на варошот било изградено несомнено во доцниот 14. век. На тоа укажуваат низа детали и градежни особености, а потврдено е и со градењето на црквата Богородица Челница од 14. век. Црквата е плански вклопена во една од двете кули што ја фланкирале главната (Челна) порта на источниот ѕид. По турското освојување на Охрид, оваа порта била заѕи-дана, а црквата опустела, бидејќи конструктивно е поврзана со обѕидието кое било ставено под турска воена команда. Урбаниот план на старата Варош укажува на неговите несомнени почетоци во 14. век, а можеби и порано. Тоа го потврдуваат и портите на обѕидието и 10-те цркви во градот. Стариот Охрид претставува најдобро запазена средновековна урбана агломерација во Македонија.

Месноста „Кула” се издига над источниот крај на Песочани. Претставува 180 м висок вулкански куп среде мочурлива рамница, во центарот на регионот Дебрица (Дебарца, Дебрца). Во западното подножје поминува реката Сатеска и крај неа патот Охрид — Кичево — Скопје и од врвот на купот се гледа овој пат многу километри северно и јужно како и речиси целиот регион. Врвот е пристапен по благата јужна падина, како и преку широкото седло од исток. Најстари остатоци. Од хеленистичко време потекнуваат делови од обѕидието и 2 станбени тераси на јужниот крај, градени од големи делкани блокови варовник без малтер; се наоѓаат и парчиња од грнчарија од тоа време. Во доцната антика било изградено обѕидие со малтер околу простор голем 290 х 80 м (2 ха). Долж источниот и северниот ѕид се гледаат бројни правоаголни простории потпрени на периметарот. Во северозападниот дел, на највисоката позиција, стоела акропола омеѓена со карпест отсек и слаб ѕид без малтер, со димензии 110 х 40 м. Наоди: доцноантичка грнчарија, питоси и тегули, ситни предмети ковани од железо, железна згура. Најдени се римски монети од доцниот 4. и 5. век. Стари рудници и места за преработка на железната руда лежат преку реката, на падините на Караорман западно од Кула. На Кула стоела укрепена рударска населба со кастел, стопански центар на регионот во доцната антика. Средновековни остатоци. Обѕидието околу старата акропола било обновено во доцниот среден век, меѓутоа без малтер. На средината од тој простор, потпрена на источниот ѕид, стоела една поголема црква. Северно од неа се наѕираат уште неколку простории. На тој простор евидентиравме парчиња од словенски црепни и глегосана трпезна керамика со доцновизантиски белези (13/14 век), потоа неколку монети—бакарни скифати од 13/14 век. Нема сомнение дека просторот на старата акропола, со површина од 0,4 ха, бил укрепен и користен во зрелиот и доцен среден век, кога и во овој регион било обновено рударството. Фрурион Деуритса (Дебрица) е забележан во борбите помеѓу Византија и Србија околу овие краишта во 1329/30 година. Доколку идните истражувања откријат средновековни траги на целиот укрепен простор на доцноантичкиот опидум, тогаш ќе можеме да зборуваме за средновековно гратче, стопански и управен центар на истоимениот регион чие старо име е запазено до денес (Дебрица, извртено и како Дебрца или Дебарца). Во турско време веројатно било запустено, бидејќи документите молчат за него.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved