Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

ПРИЛЕП

Месноста „Маркови Кули” се издига над северниот дел на Варош и 5 км ССЗ од центарот на Прилеп. Претставува 120—180 м висок рид одвоен од планините со длабоко седло. Има голема прегледност над североисточниот дел на Пелагонската рамница. Во подножјето се крстосуваат повеќе значајни патишта: кон Битола на ЈЈЗ; кон Брод и Кичево на ЗСЗ; кон превалецот Плетвар и Повардарието на ИСИ; кон Бабуна и Титов Велес на север; потоа на југ долж источниот раб на Пелагонија.

Неколку слаби извори на вода овозможувале живот на врвот во ограничен обем. Падините на ридот се стрмни, покриени со огромни гранитни карпи. Едно широко рамно седло на средината на врвот овозможувале тука да се развие населба. Има пристап до горе од север и од југ. Најстари остатоци. Со долгогодишните ископувања (од 1959 г. речиси непрекинато до денес) откриени се траги од предисториска населба; во раната антика тука израснала Керамија, обновена во доцната антика. Тогаш било изградено цврсто обѕидие со малтер. Керамија останала селска населба до крајот на антиката и не достигнала ранг на град и епископија. Во римско време (1/4 век) во југозападното подножје се раширила поголема неукрепена населба, опколена со гробишта кои се ископувани (на месностите Падарница,  Ташачица, Бакалица, Слон, Поткули и др). Од една ранохристијанска базилика преостанале неколку мермерни украси.Средновековни остатоци. Обѕидието што денес се гледа на теренот потекнува од 13 и главно од 14 век. Добро е запазено. Ѕидовите се широки одвај 1—1,3 м и градени се со послаб варовен малтер. Тие се максимално вклопени во релјефот. Се потпираат на големи карпи и ја користат секоја природна пречка. Поради тоа линијата на обѕидот многу се извива и наместа е целосно искината. Се гледаат три ѕидни појаси: Обѕидието на акрополата, поставено на највисокиот североисточен дел на ридот наречен Чардак. Затворало простор со големина 150 х 120 м, изделен со внатрешни ѕидови во помали простории. Тука несомнено стоел и дворецот на Волкашин и Марко; истражен е целосно, меѓутоа без какви било поважни наоди. Двете цистерни за вода на северниот дел потекнуваат несомнено од крајот на антиката. Северната порта има сложена основа и зборува за повеќе доградувања и преправки, како впрочем и целата акропола. Оваа тврдина до средината на 13. век а и подоцна, ја бранеле само 40 војници. Населбинскиот дел бил сместен во седлото јужно од акрополата и зафаќал простор од 3,6 ха. Откопан е северниот ѕид со двојна порта како и голема стражарска куќа меѓу влезовите. На јужниот градски ѕид стојат добро сочувани 3 кули. Западниот ѕид бил повлечен по сртот од големи карпи и сочуван е само наместа. Ист е случајот и со источниот ѕид. На тој простор животот се развил во текот на 14 век. Најдолниот појас на обѕидието се гледа на падините западно и јужно од јадрото на населбата. Се состои од низа куси ѕидови, влечени во искршена линија. Ѕидовите затворале процепи меѓу карпите и делумно ги надјавнале. Со ваков слаб предѕид била опфатена долгата тесна тераса пониска од населбата и со површина од 4,5 ха. Во нејзиниот западен дел се гледаат гробови всечени во карпа. Во тој простор речиси и нема населбински остатоци, а служел како привремен збег во доцниот 14 век. Тука се засолнувале бегалците од околината, пред зулумите на турските одреди пред да се стабилизира новата турска управа. По смртта на кралот Марко (1395 г.) населбата на Маркови Кули запустела, бидејќи крепоста била заземена од турската стража. Населбата што се развила во подножјето на Маркови Кули имала мошне разретчена структура, разбиена во неколку маала. Секое маало имало своја црква и гробишта околу црквата (св. Димитрија. св. Никола, св. Петар, Пречиста Богородица, св. Атанас). Црквите се истражувани, а околу 200 гробови околу нив се ископувани. Истражуван е и просторот на пазариштето, потврдено писмено во 14 век. Подградието го добило името Варош веројатно во доцниот 14 век и го сочувало тоа име до денес. Доцносредновековната населба Прилеп имала стратешко значење за време на последните словенски владетели и под кралот Марко станала престолнина на една мала држава. Меѓутоа, и покрај тоа што тогаш населбата силно се зголемила, таа не стигнала и економски да се издигне на повисоко ниво и да се здобие со поизразити градски (урбани) белези. Тогаш Прилеп станал седиште и на епископ (наместо Битола), веројатно само до смртта на кралот Марко. Сите ископани градби и движни предмети одразуваат живот на многу скромно рамниште. Само неколку парчиња од луксузен сребрен накит, најден во Варош, укажуваат дека постоело и локално благородништво во Прилеп. Во документите Прилеп се споменува од почетокот на 11 век продолжително до денес. Во 1014 година во „фрурион Прилапос” доаѓа Самуил по поразот под Беласица. Во повелбата од 1020 г. Прилеп е под јурисдикција на епископот од Пелагонија. — Во 1199 г. Прилеп е наведен во повелбата на царот Алексиј III; во 1200 г. за кусо време Добромир Хрс го одзема од Византија. Низ 13 век Прилеп преминува постојано во рацете на новите господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарите, еднаш на царот од Никеја. Византија го држи како истурено воено упориште до 1334 година, кога го освојуваат Србите.mПо смртта на Марко во 1395 г. Турците го земаат Прилеп и држат посада на акрополата; во 1468 и 1519 година истата броела 18 војници, а во 1544 година само 5 луѓе. Наскоро потоа тврдината ќе биде сосем напуштена, а ќе живее само подградието, како селска христијанска населба Варош. Неколку километри појужно од Варош, непосредно на крстосницата на патиштата, се развила турската касаба Перлепе, јадрото на денешниот град Прилеп.

Месноста „Кале” (од некои истражувачи погрешно нарече-на и „Градиште”) лежи 1,5 км југоисточно од Дебреште, на северозападниот раб на Пелагониското Поле. Претставува 2—3 м висока тумба среде мочуришна рамница. Покрај неа поминува патот од Прилеп за Брод, Кичево и Охрид (античкиот Керамие — Лихнид) и токму тука се искачува кон преминот Барбарас, северозападен влез во Пелагонија. Најстари остатоци. Со долгогодишните ископувања откриени се помали остатоци од предисторијата, од хеленистичко и римско време. Во раниот 4. век тука бил изграден цврст кастел од камен со малтер; имал правоаголна основа, со димензии 175 х 157 м. Во 6. век обѕидието претрпело целосна обнова при што одделните партии биле трасирани по нови линии, а некои кули биле урнати. На западната и источната страна биле изградени нови порти со вовлечен двор и истурени петоаголни кули крај нив (6 век). Внатре до источната порта е откопана помала црква со крипти и крстилница (6 век), а крај нив други градби од различни векови. Функцијата на кастелот била да го чува патот и главниот влез во Пелагонија од запад и северозапад. Средновековни остатоци. Редоследот на станбените слоеви во откопаниот простор укажува на тоа дека кастелот бил уриван во доцниот 6. век (аваро-словенски инвазии), меѓутоа повторно бил обновуван и користен. Пред југозападниот ѕид (на потегот Млака) настанала во 7/8 век голема некропола со делумно кремирани умрени (Кутригури). Ископани се наводно и 2 куќи — полуземјанки од 8/9 век (непотврдено).nОд 11 век наваму постои мала населба во рамките на големата крепост. Потврдена е со станбените остатоци, со една црква и околу неа со гробови што се откопани во северозападниот дел на кастелот. Таму е најдено и мало депо на сребрени пари на Михајло VII, закопани во доцниот 11 век. Наодите во гробовите потекнуваат од 11/14 век. Оваа мала крајпатна населба зафаќала само дел од некогашниот укрепен простор на римскиот кастел. Значи дека не била „град” во тогашна смисла на зборот. Сепак, извонредната позиција на ова место му давало и соодветно значење. Во повелбата на Василиј II од 1019 г. наведена е една Деурети како енорија во компетенција на епископот на Пелагонија. Во прашање е несомнено ова Дебреште. Во 1343 г. српскиот цар Душан потпишал една хрисовула „в Д’брешти”: за жал, изоставен е карактерот на местото („град” или село). В. Кравари кон Дебреште погрешно го приклучила и податокот од 1330 г. за борбите на Андроник III и Србите околу една друга Деуритса, кај Охрид. Јасно е дека тука се работи за денешна Дебрица (Дебрца, Дебарца) кај Охрид, а не пелагониско Дебреште. Турскиот дефтер од 1467/8 г. бележи село Дебреште со 116 куќи. Локалитетот Кале кај Дебреште го поместивме во нашиот каталот не затоа што постојат индиции за постоење на „град” Дебреште, туку затоа што досега му беше даван преголем публицитет во средствата за јавно информирање кај нас. Исто така беа потрошени енормно големи средства за ископувања на овој наводен словенски раносредновековен град; по три децении исполнети со ископувања во голем стил и празни реклами, стручната јавност може конечно да каже дека ништо од сето тоа не постои. Резултатите се крајно скромни, ограничени на предсловенска доцна антика. Останува горчината во осудата на ова изигрување на науката. сокриено зад авторитетот на локалните моќници.

Месноста „Кале, Леска” лежи 4 км ССИ од Десово и 2,5 км североисточно од Браилово. Претставува карпест рид на планината Леска, 270 м високо над северниот раб на Полето. Има многу стрмни падини и пристапен е само преку тесно седло од северозапад. Не многу далеку кон североисток, на главниот срт на планинскиот венец Биса —Мукос, лежи преминот Дервен (Клетовник) преку кој водел стариот пат од Прилеп кон долината на Бабуна и натаму кон Велес и Скопје (античкиот пат Керамија — Скупи). Денес овој пат е вон употреба. Од врвот на Калето има извонредна прегледност многу километри наоколу, до спомнатиот превалец на североисток и до Полето кон југ. Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу врвот било изградено обѕидие со малтер, сочувано наместа и денес до 3 м високо. Ѕидот се потпирал на карпестите отсеци и затворал простор со димензии 180 х 90 м (1,5 ха). Две кули се сочувани на јужниот ѕид, а на северозападниот агол стои остатокот од постар ѕид како доказ за обнова на крепоста (од доцниот 4 и 6 век). Наоди: керамика, ситни предмети од бронза и железо, врвови од стрели, монети од доцниот 4 и 6 век. Средновековни остатоци. Во западниот дел на крепоста се гледа една „внатрешна” фортификација, изградена подоцна. Има необична форма на кружен венец, со димензии 60 х 50 м. и сложен од прирачен материјал без малтер. На источната страна тој наседнал на неколку доцноантички градби со поинаква ориентација и делумно ги покрил. Од средновековието потекнуваат и парчиња од словенски црепни, потоа врвови од стрели — од номадски-степски тип со 3 ребра и од типот за пробивање панцир; една појасна тока со средновековна форма и др. Очигледно е дека обновената мала стража на Леска го контролирала северниот крај на Пелагонија и патот од Прилеп кон.Велес и Скопје, што поминувал на превалецот Клетовник. Стражата веројатно била користена само повремено, во воените настани од тој период.

Месноста „Кале, Св. Спас” лежи 1,2 км северозападно од Зрзе. Претставува мала тераса на планинските падини, на 220—250 м височина над работ на полето (1020 м н.м.). Источниот и југоисточниот раб претставуваат вертикални карпи додека на запад терасата продолжува во повисок терен, одвоена со плитко, широко седло. Среде терасата избива силен извор вода, поради кој луѓето во минатото живееле на ова место. Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу терасата било подигнато обѕидие од камен со малтер. Правоаголниот простор, со големина 150 х 120 м (1,5 ха) им служел на околните сточари како збег, а потоа и како постојано живеалиште — укрепено село. На источниот дел била изградена ранохристијанска црква, чии распарчени мермерни украси лежат и денес наоколу (6 век). Повеќето монети најдени на тој простор потекнуваат од доцниот 4/6 век. Средновековни остатоци. Во доцното средновековие терасата била повторно населена. Врз урнатините на старата базилика, во средината на 14 век била изградена нова црква (св. Преображение или св. Спас). Околу црквата биле подигнати придружни манастирски згради: конаци, амбари и други стопански простории. Старото обѕидие било обновено. Северниот ѕид, граден со малтер, сочуван е наместа и денес во височина до 3 м. Заградениот простор кој зафаќа 1,5 ха, им служел главно на манастирските потреби: за сместување на слугите, манастирските луѓе со семејствата и со добитокот, меѓутоа служел и како збег. Името св. Спас го индицира тоа. Тоа било често во доцниот 14 век кога турските одреди крстосувале низ овие краишта, пустошејќи cи пред себе. По смртта на кралот Марко во 1395 година, Турците завладеале и во овие краишта. На манастирот му биле одземени имотите и привилегиите и тој почнал да запустува. Од бројните записи и натписи сочувани во црквата св. Спас се гледа дека сепак успеал да го преживее целиот турски период, до денес.

Ридот „Градок (Маркови Кули)” лежи 5 км североисточно од Чаниште и 4,5 км северно од Манастир. Висок е 120 м над сливот на Дуњска Река во Црна. Главниот пат низ Мориово на тоа место ја преминува Црна, водејќи кон старите рудници на Кожуф (денес патот Прилеп — Витолиште). Врвот на Градок е зарамнет и на средина вдлабен. Доминира над широката околина, над спомнатиот пат и речниот премин. Најстари остатоци. Во доцната антика околу врвот на ридот било подигнато обѕидие од големи камени блокови, делумно врзани со малтер. Просторот има димензии 230 х 230 м (4,5 ха). Низа кули и контрафори го зајакнувале ѕидот. Внатре се гледаат основи од бројни куќи компонирани во улици. Највисокиот (северен) дел бил одвоен со внатрешен ѕид во акропола, во која покрај станбени објекти стоеле и две базилики (6 век). И двете цркви останале добро запазени до наше време, со тоа единствени во Македонија. Поголемата црква имала ѕидани колонади со арки и голем триделен прозорец во апсидата. Наоди: бројни ситни предмети ковани од железо, железна згура, монети од 6. век. Ова гратче претставувало регионално средиште на Мориово на крајот од антиката, а израснало благодарение на експлоатацијата на железната руда во околината. Наследник е на Средновековни остатоци. Просторот на акрополата бил повторно укрепен во средниот век: новото обѕидие (од камен без малтер) било поставено покрај остатоците од доцноантичкиот ѕид, чија што линија ја следи. Една голема издадена кула на западниот крај била ѕидана со малтер, а другите две кули ја фланкирале главната порта на североисточниот крај. Двете базилики од 6 век без преправки продолжиле да служат и во ова време. Долж јужното обѕидие се протега низа од станбени простории (тип казамати). Укрепениот простор зафаќа 1 ха и целиот е покриен со градежен шут и средновековна керамика. Ситни наоди: монета (фолис) на Јован Цимиски (крај на 10 век), бронзен прстен и парчиња од белегзии (10.—12. век), бројни предмети ковани од железо. На 5 км јужно од Градок стои црквата на св. Никола во Манастир, најстара во Мориово. Големиот ѕиден натпис во неа од доцниот 13 век зборува дека црквата била изградена на местото на една постара (веројатно од 11 век). Во повелбата на Василиј II од 1019 г. стои дека под Мегленскиот епископ се наоѓала и црковната општина (енорија) Морихово. Не знаеме дали ова име означувало само регион или и место (крепост, „град”) како седиште на истоимениот регион. Како и да е, крепоста „Градок — Маркови Кули” близу Манастир ги има сите прерогативи да биде „град Морихово” од 10/12 век. Името му се должи на веројатниот управник на овој регион Морих. Подоцна, со откривањето на нови рудни лежишта јужно од Манастир, 8 км јужно од Градок ќе се издигне крепоста Чемрен во новото стопанско и управно средиште на Мориово (сп. под Зовик, Битола).

Месноста „Марков Ѕид” се издига над североисточниот крај на Прилепец, на западната падина на Селечка планина, 8 км јужно од „Маркови Кули”, Прилеп. Претставува доминатен рид 300 м високо над Полето (960 м н.м.) и со голема прегледност наоколу. Западниот дел е понизок и зарамнет, во вид на широка тераса опкружена со многу стрмни падини. Источниот дел се издига во карпсет куп, одвоен со тесно мало седло од планината на исток. Две поројни бразди северно и јужно од ридот ја задржуваат повремено водата, неопходна за живот. Најстари остатоци. Во раната и доцната антика жителите од богатите населби во Полето барале засолниште на ридот Марков Ѕид. Веројатно тогаш акрополата добила камено обѕидие и служела како збег, на што укажуваат ретки археолошки наоди од тие времиња. Средиовековни остатоци. Околу терасата на западниот крај запазено е обѕидие кое врти долж работ, потпирајќи се на издадените големи карпи. Ѕидот е граден од камен со слаб малтер и широк само 1—1,3 м, а влечен е во куси прави потези кои формираат силно искршена (цик-цак) линија. Сето ова јасно го определува како доцносредновековна ѕидарија. Ѕидот околу акрополата се распаднал целосно и од него останале само наместа траги од растурен шут. Во оградениот простор се среќаваат ретки парчиња од сред-новековна огнишна грнчарија и црепни. Траги од постојано живеење нема. Укрепениот простор на Марков Ѕид има големина од преку 7 ха (акрополата мери 2 ха и терасата 5.3 ха). Оваа големина изненадува, укажувајќи од своја страна дека околината на Прилеп била густо населена во доцниот среден век. Позицијата потсеќава делумно на Маркови Кули — Прилеп (од истото време) и веројатно оттаму доаѓа и името на ова место. И овој збег бил изграден веројатно по битката на Марица (1371 г.), кога турските хорди неколку децении ги пустошеле нашите краишта пред конечно да ја воспостават својата управа во Македонија.

Месноста „Трескавец” лежи 6 км северно од центарот на Прилеп и 2 км јужно од Горно Село. Претставува 600 м висок врв (1400 м н.м.), со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад; од југ е пристапен преку тесно седло, а од исток го наткрилува карпата Златоврв (1422 м), што како најмаркантен ориентир се гледа од полето до 20 км далеку. За време на непогоди громовите удираат многу често во овој врв, па оттука доаѓа и името (Трескавец). Најстари остатоци. На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време. Од римската епоха (2/3 век) потекнуваат два натписа на мермерни постаменти, посветени на Аполон Етеуданос (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето. Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници; од нив потекнуваат бројните гробови, раскопани на седлото јужно од врвот (хеленистичко и римско време). Верници — аџии ја посетувале Колобаиса од далеку. На крајот од антиката на местото на античкиот храм била подигната христијанска црква. Од неа останаа парчиња од мермерни столбови и друти украси расфрлени наоколу. Во тоа време било изградено и цврсто обѕидие со малтер околу зарамнетиот врв и црквата, со придружните градби и становите на прислужниците. Средновековни остатоци. Споменот на старото светилиште горе на врвот. обвиткано со мистика и грмотевици, живеел и во средновековието. Манастирската црква св. Богородица, сочувана до денес, потекнува од 14. век меѓутоа била изградена врз постари остатоци. Опколена е со манастирски конаци и со други градби, а целиот комплекс е опфатен со обѕидие, подигнато врз постари остатоци. Укрепениот простор има големина 300 х 150 м (4 ха). Тука стоеле и амбари, магацини, визби и други економски потреби на големиот манастирски имот. Во црковните документи Трескавец се споменува во 1334/5, 1343, 1345 и уште во 1467/8 година. Манастирот бил основан најдоцна во 1230 година. Во 14. век имал голем метох, со бројни села и имоти во Пелагонија и подалеку, што му биле подарени. Во тоа време и пазарот во Прилеп бил должен да му плаќа по 100 перпери данок годишно. Во несигурните времиња во доцниот 14 век манастирскиот укрепен простор на Трескавец несомнено служел како збег за околното население.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved