Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден

Aрхеолошки локалитети во околината на Прилеп
 


1. АЛИНЦИ
Бостаништа
, некропола од римското време. Црквиште, осамен наод од римското време.
 
2. БЕЛА ЦРКВА
Св. Богородица, осамен наод од хеленистичкото време. 

3. БЕЛОВОДИЦА
Грамадина, некропола од римското време. Селиште, некропола од римското време.

4. БЕЛО ПОЛЕ
Висои
, населба од бронзеното и доцноантичкото време. До селото, населба од римското време. Ѓеракарница, населба од римското време. Манастириште, средновековна црква. Марков Чардак, населба од хеленистичкото и доцноантичкото време и средниот век, остатоци од градби од подолг временски период, темели од ѕидови на бедем, цистерни и помали објекти издлабени во карпа. Св. Никола, осамен наод од римското време. Чачорица, населба од римското време.

5. БЕРОВЦИ
Селска црква
, осамен наод од римското време.
 
6. БЕШИШТЕ
Горни Лозја, населба од римското време. Огради, средновековна населба. Турчија, средновековна некропола.

7. БОНЧЕ
Спаница, осамени наоди од хеленистичкото и доцноантичкото време. Старо Бонче, некропола од хеленистичкото и римското време. Јужно од селото откриени се гробови во кои се најдени монети од Александар Македонски како и римски бронзени монети. Црквиште, населба од хеленистичкото и римското време.
 
8. БОРОТИНО
Петков Вир, населба од римското време. Селска црква, осамен наод од римското време. Во припратата на селската црква се чува мермерна статуа без глава и дел од градите. Тумба, населба од бронзеното време.

9. БРАИЛОВО
Бојоица, некропола од доцноантичкото време. Манастир Св. Илија, базилика од старохристијанското време. Петочна Вода, некропола од хеленистичкото и римското време. Селски гробишта, некропола од доцноантичкото време. Тумба, некропола од римското и доцноантичкото време.

10. ВАРОШ
Бревчина, населба од римското време. Заград, некропола од железното време. Кабања, населба од римското време. Калдрма, некропола од железното и хеленистичкото време. Куќата на Ѓошеви, депо од бронзеното и железното време. Куќата на М. Мантов, некропола од бронзеното време.
Манастир Св. Архангел Михаил, осамен наод од римското време. Во ѕидот на конакот има мала мермерна плоча со релјефна претстава на Тракиски коњаник. Мермерните столбови што го носат тремот на црквата исто така се од античко потекло.
Маркови Кули, сместенво гранитно-планинскиот комплекс, локалитет со културни слоеви од доцниот неолит до XIV век. Во природната целост формирана од четири врвови (Чардак, Крупник, Тапанче и Гребник), со неколку тераси, удолнини и седла, се наоѓаат остатоци од ѕидови и кули од еден исклучително голем тврдински комплекс. Според некои истражувања, Маркови Кули се вбројуваат, по просторот што го заземаат, меѓу петте најголеми тврдини на Балканскиот Полуостров. Тврдината е организирана во три одбранбени појаси. Снабдувањето со вода, се вршело со изворска вода од две цистерни во вториот одбранбен бедем и цистерната  во Кулата во третиот појас. Со вода од оваа цистерна се снабдувало и денешното подградие Варош. Кулите од тврдината се со различен облик во основата, квадратни, правоаголни, кружни, овални, капкообразни и неправилни. Од видните средновековни градежни објекти ги издвојуваме резиденцијата и станот на командантот на градот, под врвот Чардак. Поголеми делови од економски простории, штали и работилници во дворот. Најрепрезентативниот градежен објект од типот палата, североисточно од Главната порта, изграден во X век. На западните јужни тераси остатоци од феудални дворци и еднокорабна црква со пирг. Последната тврдинска фаза со надѕидани и проширени ѕидови која потекнува од времето на кралевите Волкашин и Марко. Меѓу репрезентите на градежните објекти на тврдината се и комплексот на манастирот Св. Архангел Михаил. Под црквениот под, на еден ѕид е откриена композиција од XII в. Источно на површината на вертикално поставената карпа се најдени квалитетни фрески од средината на XI в. Под западниот дел на црквата се пронајдени делови од профана градба. Од средниот век потекнуваат и сликите на карпите под врвот Чардак. Најстарите остатоци потекнуваат од римско-македонските војни во III-II в.п.н.е. Најстари културни слоеви од разни времиња досега се откриени на врвот Чардак под палатата кај Главната порта. Мошне е богат хеленистичкиот слој со многубројни фрагменти од керамички садови и градежна керамика. Од тоа време мошне е репрезентативен системот од канали и јами за цедење на грозје и филтрирање на гроздов сок, ред гробови издлабени во карпа, од VI в. Многубројни се трагите од куќи со издлабени лежишта за дрвени диреци, четвртести греди и колци од плет. со јами за жито, остатоци од печки, корита за перење, за месење на леб, негативи на рачни мелници, дибеци и друго. Тие остатоци од разни времиња се разликуваат по формата и употребата на дрвената граѓа. Се издвојуваат куќи со цоклиња издлабени во карпи и печки со форма на јами. Овие објекти се без хронолошка поткрепа на теренот и тешко е временски да се определат. За словенскиот период IV-VI в. се врзуваат големата некропола во југоисточната страна и општественополитичкиот центар со трон од камен под седлото, во близината на зооглифот Слон. Посебно се значајни откритијата на многубројните големи јами за складирање на жито од XIII-XIV в. и сегмент од солидно граден пат од камени плочи, широк 2,30 м, над кој е пронајдена калдрма од турскиот период. На ова место во втората половина на XIV в. биле извршувани смртните казни со черечење, што било познато во средниот век, па и подоцна. По доаѓањето на Турците на ова место (1395) било организирано производство на железо и боени метали. Куќите се во облик на крушообразни земјанки. Познато е дека во системот на турските воени формации, како металурзи биле ангажирани Цигани, па така ова место би бил првиот случај на подигање на циганска населба во нашата земја.
Мечкина Дупка, некропола од хеленистичкото време. Падарница, некропола од римското време. Под Кули, некропола од хеленистичкото време. Попадин Дол, некропола од железното време. Св.Атанас, осамен наод од римското време и средновековна населба со некропола. Св.Варвара, средновековна црква. Св.Врач, средновековна црква. Св.Димитрија, осамен наод од римското време. Св.Ѓорѓија, средновековна црква. Св.Никола, осамени наоди од римското време и средновековна црква со некропола. Во црквата и во нејзиниот двор има поголем број антички лапиди од мермер, и тоа: импост-капител, мено, ара со релјеф како база на чесната трпеза, дел од ара со претставени гирланди и глава од овен вградена во десниот довратник. Св.Петар, осамен наод од римското време. Во северниот ѕид на црквата е вѕидан дел од надгробна плоча на која во горниот дел се гледа розета и под неа шест човечки фигури што стојат, релјефно претставени. Пред црквата лежи горен дел од поголема ара која на предната страна има делумно зачуван релјеф на кој се претставени двајца мажи и една жена простум, а десно од нив жена што седи. Св.Харалампија, осамен наод од римското време и средновековна црква. Светец, некропола од бронзеното време. Во непосредната близина на манастирот Св. Архангел Михаил, од десната страна на патот кога се слегува кон Варош, под карпата со фреската на св. Архангел е откриен гроб со урна во која се наоѓале остатоци од кремирана жена. Сивастоец, средновековна некропола. Слон, населба од бронзеното време. Во подножјето а во непосредната близина на природната карпа во облик на слон се гледаат многубројни фрагменти од керамички садови. Ташачица, населба и некропола од доцноантичкото време и средновековна населба. Црква 13, осамен наод од римското време и средновековна црква со некропола. Црквите 14, 15, 16  средновековни цркви.

11. ВЕПРЧАНИ
Вирои, средновековна населба. Завир–Среден Брег, населба од римското време. Селска црква, осамен наод од римското време. Солишта–Пазалка, некропола од хеленистичкото и римското време. Црква Св.Димитрија, средновековна црква.

12. ВЕСЕЛЧАНИ
Горник, некропола од доцноантичкото време.

13. ВИТОЛИШТЕ
Бојков Дол, населба од доцноантичкото време. Влајкова Чешма, населба од римското време. Во Моклишки Дол од патот за селото Полчиште има остатоци од поголема населба. Вртко Ливада, населба од доцноантичкото време. Горе Река–Пртева Ливада, населба од римското време. Гробишта Св. Илија, некропола од римското време. Ѓерек, населба од римското време. Заградничка Чука, утврдена населба од доцноантичкото време. Задна Река–Грмајте, населба со некропола од доцноантичкото време и некропола од средниот век. Според монетите и другите наоди населбата и некрополата егзистирале од II-V в. Според гробните наоди, таа се развивала во V-VI ве, а згаснала на крајот од XII в. Каравашчина, населба од доцноантичкото време. Ковачево, населба од доцноантичкото време. Лачникот, некропола од римското време. Лигораса, населба од доцноантичкото време. Моклиште, населба од римското време. Полените, населба од римското време. Пртева Ливада, населба од доцноантичкото време. Св.Петка–Голем Даб, населба од доцноантичкото време и раниот среден Св.Харалампија, некропола од римското време. Сињак, населба од доцноантичкото време. Царичина Нива, населба од неолитското и римското време. Црква Св.Атанас, осамен наод од римското време. Црквиште–Урвич, населба од средниот век. Шупливец, населба од римското време.
 
14. ВОЃАНИ
Селска црква, осамен наод од римското време. Во селската црква се чува надгробна плоча од бел мермер, на која во горниот дел е претставена кола што ја влечат четири коњи. Тумба, населба од бронзеното време.

15. ВОЛКОВО

Голема Нива–Зереица, населба од енеолитското време. Петочна Вода, депо на монети од хеленистичкото и римското време, при копање на канал е откриено депо од 25 монети ставени во помал сад. Според селаните, меѓу нив имало и монети од македонските кралеви и градови. Селски гробишта, осамен наод од римското време.

16. ВРАНЧЕ

Аджина Бара, населба од римското време и средниот век. Горна Корија, населба и некропола од доцноантичкото време. Длабока Бара, населба од доцноантичкото време. Русоица, населба од доцноантичкото време. Стари Лозја, населба од енеолитското и римското време. Тумба, населба од доцноантичкото време. Црква Св.Никола, осамен наод од римското време. Пред влезот во црквата, од западната страна се наоѓаат повеќе антички споменици од мермер, и тоа надгробни стели.17. ВРБЈАНИ
Крушеанска Чука, населба од енеолитското време. Попадица–Девет Слогови, населба од енеолитското време. Тумба, населба од доцноантичкото време. Чука–Ливаѓе, населба од римското време. Чукарче Момироско, некропола од железното време. Чукарче Цветкоско, населба од римското време.

18. ВРПСКО

Кале, утврдена населба од доцноантичкото време. Црквиште–Гробишта, средновековна црква. Во селските гробишта има остатоци од две постари еднокорабни цркви градени една врз друга.

19. ГАЛИЧАНИ

Галичанска Рудина, храм од римското време. Црква Св.Атанас, осамени наоди од римското време. Во селската црква има неколку антички споменици од мермер најдени во селото и на локалитетот Галичанска Рудина, и тоа: вотивна плоча со претстава на Тракиски коњаник, делови од стебла на столбови, архитравни греди и бази.

20. ГОДИВЈЕ
Црква Св.Атанас, осамен наод од римското време. Во оваа црква, изградена во втората половина на XIX век, во олтарот се наоѓа ара која служи како чесна трпеза, а во дворот дел од мермерен столб и фрагменти од други архитектонски елементи.

21. ГОЛЕМО КОЊАРИ
Црква Св.Троица, осамен наод од доцноантичкото време. Северно од црквата и тремот кој служи како трпезарија се наоѓа старохристијански капител со крст на предната страна, релјефно обработен, и дел од мермерен столб профилиран на крајот, а во олтарот на црквата една преградна плоча е поставена врз античка база од мермер.

22. ГОЛЕМ РАДОБИЛ
Селска црква, осамен наод од доцноантичкото време. Во црквата се чуваат три надгробни стели. На едната се претставени две жени, маж и дете и коњаник во калканот, на втората пет фигури што стојат, а на третата тројца мажи и една жена.

23. ГОЛЕМО МРАМОРАН
Гробишта, осамени наоди од римското време. Во делумно урнатата селска црква се наоѓаат повеќе антички сполии од мермер: делови од столбови, архитравни греди и тимпанон од надгробен споменик.

24. ГОРНО СЕЛО
Асаница
, некропола од римското време. Според податоците на овој локалитет, кој е во близината на селото, биле најдени римски монети, делови од накит и статуетка со претстава на Меркур, сите изработени од бронза. Бревчина, населба од доцноантичкото време. Бучалиште, населба од доцноантичкото време. Грамаѓе, утврдување од хеленистичкото време. Ризоец, некропола од римското време. Сурун, некропола од хеленистичкото време. Во подножјето на ридот Сурун се откриени 5 „македонски“ гробници издлабени во карпа, со кремирани покојници. Сите се со подолг ходник, претсобје и гробна просторија. Од гробни прилози биле најдени фрагменти од керамички садови и метални предмети.

25. ГОСТИРАЖНИ
Црква Св.Атанас, осамен наод од римското време. Пред влезот во црквата, се наоѓаат два блока од мермер, веројатно делови од ара. Според кажувањето блоковите биле донесени од локалитетот Палези.

26. ГУДЈАКОВО
Во селото
, осамен наод од доцноантичкото време. Во селото има антички споменик со релјеф и натпис за кој не се знае од каде е донесен. Градишка Тумба, утврдена населба од доцноантичкото време. Козјаник, населба од доцноантичкото време. Папрадишки Рид, населба од доцноантичкото време. Писаник, населба од доцноантичкото време. Солишка Падина, населба од доцноантичкото време. Средна Грамада, населба од доцноантичкото време. Трнка–Анови, утврдена населба од доцноантичкото време. Црнелица, населба од доцноантичкото време.

27. ДАБНИЦА
Караташ, некропола од римското време.

28. ДЕБРЕШТЕ
Бачилиште, населба од римското време. Горна Црква, населба од доцноантичкото време и старохристијанска црква. Градиште, со остатоци од населби од доцнонеолитското, бронзеното, железното, хеленистичкото, римското и доцноантичкото време, сe до XIII в. Праисториските периоди обилуваат со голем број фрагменти, а се среќаваат и антропоморфни фигурини. Многу е богат населбинскиот слој од III-II в.п.н.е. Се издвојуваат остатоци од згради чии ѕидови од внатрешната страна имаат фини премази од кал кои се украсени со линеарни композитни орнаменти. Има цврсти градби покрај самата тврдина, а малку понаисток од нив овални градби-куќи од плет. По големата преселба на Словените, на овие простори на крајот од VI век се присутни припадниците на словенското племе Брсјаци кои организирале своја населба и овде, во средишниот простор на локалитетот. Досега целосно е откопан долен дел од словенска куќа, од кругот на прашко-пенковската култура. Тоа е тип на куќа полуземјанка со правоа-голна основа и со покрив на две води кој со долниот раб лежел на земјата. Источниот и западниот ѕид биле изработени од плет, влезот се наоѓал на западниот ѕид, а во југоисточниот агол имало масивна печка од кршен камен. Во нив имало и јами за складирање на жито. Југоисточно од источната порта на тврдината има некропола со гробови од хеленистичкото, хеленистичко-римското време и од IV в. Од римското време има гробови и североисточно од оваа порта. Некропола од VII и евентуално од VIII век има западно од западната порта на тврдината, на локалитетот Млака. Некропола од VI век има во составот на христијанскиот сакрален комплекс што се состои од трикорабна базилика со синтронос и тронос, баптистериум и мартириум. Во составот на овие старохристијански објекти се наоѓа и некропола од IV до VI век, со накит карактеристичен за овие времиња. Северозападно од нив има некропола од VII и VIII век, со многубројни примероци на накит од бронза и бакар. Во рамките на некрополата се пронајдени остатоци од мала крстообразна црква со припрата на западната страна. Во овој комплекс од слоеви посебно е значајна тврдината. Последната фаза на тврдината потекнува од времето на Јустинијан I. Во времето на своето функционирање била опколена со вода. Нејзините ѕидови се од кршен камен. Најдебели се ѕидовите на оние страни каде што водата не била пречка за напаѓачите. Има пет кружни кули и три петоаголни. Најраната тврдина потекнува од времето на Првата македонска војна (215-205). Токму од оваа тврдина, раководел Персеј, синот на кралот Филип V. Се чини дека тврдината во последните децении на V век била надвор од својата основна функција, на што особено укажува откритието на голема масивна зграда–форталициум, со дебели ѕидови од кршен камен и варов малтер што ја изградиле источните Готи во времето на својот престој во Пелагонија. Тврдината ја губи својата основна функција на одбрана во последните децении на VI век. Сe до XIV век овој локалитет имал населбински карактер, а од тоа време па натаму се користи исклучиво за земјоделство.
Загориче, средновековна населба и црква. Кале–Градиште, полигонален кастел со кули од доцноантичкото време. Млака, средновековна некропола. Селска џамија, осамен наод од римското време. Во дворот на џамијата се наоѓа фрагментирана мермерна ара со грчки натпис.

29. ДЕСОВО
Брчки, населба од римското време. Горно Поле, некропола од доцноантичкото време. Кале, утврдена населба од доцноантичкото време и средниот век. Киш, некропола од доцноантичкото време. Клетовник, доцноантичка и средновековна некропола. Во непосредната близина има остатоци од средновековна населба и некропола. Пред селската црква Св.Троица има надгробна стела со релјефна претстава на три човечки фигури, донесена од овој локалитет. Ламбичица, населба од неолитското време. Рамниште, фурна од римското време. Селиште, населба од доцноантичкото време. Цркварско–Чаир, населба од доцноантичкото време.

30. ДОЛГАЕЦ
Манастириште, средновековна црква. Мезиница–Грамадиште, населба и некропола од римското време. Тумба, населба од неолитското време.
 
31. ДОЛНЕНИ
Бостаниште–Три Бари, населба од доцноантичкото време. Крапска Бара, населба од доцноантичкото време. Селска црква, осамен наод од римското време. Пред селската црква се наоѓа надгробна плоча од бел мермер, со венец на горниот крај и едикула во која релјефно се претставени маж, дете и две жени. Селски гробишта, населба од римското време.

32. ДРЕН
Грамаѓе, населба од доцноантичкото време. Џиџево, населба од доцноантичкото време. Кркулка, населба од римското време. Селиште, населба од римското време. Од овој локалитет во црквата Св. Никола е донесена мермерна биста без глава. Торово Трло, населба од доцноантичкото време. 33. ДРЕНОВЦИ
Градиште, утврдена населба од римското време. Мрамор, населба од доцноантичкото време. Изгледа дека населбата се простирала и на соседните локалитети Браилово, Лечиште и Бувало. 34. ДУЊЕ
Баево Трло, некропола од римското време. Веројатно оттука потекнуваат двете надгробни плочи со натписи, едната вградена во ѕидовите, а другата во подот на селската црква, што подоцна биле пренесени во Музејот на Македонија во Скопје. Грамаѓе–Голем Дол, населба од римското време. Дејчин Гроб, населба од доцноантичкото време. Малево Село–Лигураса, населба од римското време. Според преданието кај жителите, тука било старото село. Прчинога, населба од неолитското и доцноантичкото време. На рамнината покрај Дуњска Река, на една блага падина поретко се среќаваат фрагменти од праисториска керамика и камени орудија, за разлика од доцноантичките кои се во голем број. Трпчева Црква, населба, црква и некропола од средниот век. Во 1985/86 мештаните самоиницијативно изградиле црква од камен и кал врз темелите на сакралната градба. Околу објектот има некропола од која се истражени 40 гробни целости. Гробниот инвентар е богат и главно се состои од предмети за украсување кои укажуваат дека почетоците на погребувањето се IV-V в, а некрополата била употребувана и преку целиот VI в.

35. ДУПЈАЧАНИ
Гробишта, некропола од римското време. Гробишта I, некропола од римското време. На неколку стотици метри југоисточно од селото, во урнатините на малата гробишна црква се наоѓаат четвртеста урна без капак, украсена со гирланди и букраниони, една ара од мермер и повеќе фрагменти од мермерна пластика. Лозја, населба од римското време. Петро Ливада, населба и некропола од римското време. Селска црква, осамен наод од римското време. Од надворешната страна на селската црква, лево од влезот е вѕидана надгробна стела со релјефна претстава. На средината има олтар на кој стои мала фигура, а лево и десно од него маж и жена. Натписот е оштетен и не се чита. Сурун, населба од римското време. 36. ЗАБРЧАНИ
Забрчки Рид, некропола од доцноантичкото време. Лозје, населба од доцноантичкото време. Мартинец, населба од доцноантичкото време. Шалдашица, осамен наод од римското време. 37. ЗАГОРАНИ
Кај чешмата, монета од хеленистичкото време. Попоица, населба од доцноантичкото време. Тумба, населба од неолитското време. Недалеку од селото има мала височинка на која се наоѓаат фрагменти од неолитска керамика. Црква Латинска, осамени наоди од римското време и средновековна црква. Во непосредната близина на селото, се наоѓа полуразурната црква од XIII-XIV в. Во неа и околу неа има антички сполии од мермер. Оттука потекнува едно женско торзо што се чува во Музејот на Македонија во Скопје.

38. ЗАПОЛЖАНИ
Лозја, населба од неолитското време. Ореова Бара, населба од неолитското време. Шаторица, населба од доцноантичкото време.

39. ЗРЗЕ

Долна Црква, осамени наоди од римското време. Помеѓу гробовите од сегашната селска некропола се наоѓаат ара од бел мермер и неколку фрагментирани колони од мермер. Манастир Зрзе, базилика од старохристијанското време. На околу 150 м северозападно од манастирот се наоѓаат остатоци од базилика од која се гледа дел од апсидата. Стари гробишта, сакрален објект од римското време. Помеѓу старите гробови на денешните селски гробишта се гледаат остатоци од ѕидови од античка градба. Во непосредната близина се наоѓа четвртеста база од мермер со стопа за столб во горниот дел, фрагмент од надгробна плоча од бел мермер со траги од грчки натпис, капител од мермер, мермерна стопа од столб и повеќе фрагменти од други столбови. Црква Св.Никола, осамен наод од римското време. Во ѕидовите на црквата се вѕидани надгробна стела од бел мермер, релјефно обработена, и горен дел од мермерна плоча со претстава на човечка глава и дел од човечко торзо. Надгробната стела има калкан и четвртесто поле. Во калканот се претставени две фигури што стојат и меѓу нив сад, а во четвртестото поле шест фигури исто така простум. Под нив има два коњаника свртени еден кон друг. На плочата се гледаат и траги од грчки натпис.

40. КАДИНО СЕЛО

Божиница, населба од римското време. Црква Св.Богородица, осамени наоди од доцноантичкото време. На гробиштата покрај црквата се наоѓаат обработени блокови од мермер. 

41. КАЛЕН

Грамаѓе, населба и некропола од римското време. Катун, средновековна населба.Маркови Кули тврдина од доцноантичкото време и средниот век. На доминантна карпеста височина со зарамнето плато се гледаат остатоци од разурнати градби. Од северозападната страна тврдината е заштитена со дебели бедемски ѕидови а од југоисточната со стрмни карпи. Вдлабнатите кружни отвори во карпите упатуваат на лежишта од конструкции на градби. Тврдината има две нивоа. Била изградена и користена во рановизантискиот период, а обновена во средниот век. Темник–Отспроти, некропола од хеленистичкото време.  Трпчева Црква, средновековна населба и црква. Црква Св.Спас, осамени наоди од римското време. Во западниот ѕид на селската црква, од надворешната страна се вградени 4 мермерни сполии, а во источниот три сполии. Чесната трпеза во олтарот е направена од мермерна плоча. Црквиште, старохристијанска црква.  

42. КОКРЕ

Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Грамаѓе, населба од доцноантичкото време. Спасица, светилиште од римското време. На левиот брег на Кокрешка Река се наоѓа новоизградено манастирче Св.Спас во кое се вградени антички мермерни сполии, и тоа во јужниот ѕид. Околу него има рсфрлени повеќе парчиња од мермер и архитектонска пластика и една фрагментирана стела, исто така од мермер. Конфигурацијата на теренот упатува на можно постоење на светилиште. Црква Св.Архангел, средновековна некропола. Во непосредната близина од последните селски куќи се наоѓа денешната црква, подигната во 1866 г.

43. КРИВОГАШТАНИ

Крајни Ѕид, осамен наод од римското време. Во непосредната близина на селото се најдени статуета од бронза со оловен постамент и монети. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Црква Св.Димитрија, осамен наод од римското време. Во црквата се чува мермерна надгробна плоча со релјефна претстава на две машки и две женски бисти. Горе има калкан со палмета и акротерија, а во едикулата претстава на коњаник, дете што стои на ара и десно од него жена. Под нив има грчки натпис во 10 реда. Црква Св.Никола, осамен наод од римското време. Во црквата се чува надгробна стела од мермер со релјефна претстава во две полиња. Во горниот дел лево има две мали фигури на постамент, а десно три фигури што лежат и десно од нив жена што седи. Во долното поле стојат три фигури.

44. КРУШЕАНИ

Селска црква, осамен наод од римското време. Од надворешната страна на црквата е вѕидана надгробна плоча со релјефна претстава на жена што стои меѓу два коњаника. Над релјефот има оштетен грчки натпис.

45. КРУШЕВИЦА

Бабо–Калдрма, населба и некропола од римското време. Во непосредната близина на теренот се наоѓаат корита вдлабени во карпа, кои веројатно биле гробови. Градиште, рефугиум од доцноантичкото време. Грамаѓе–Букло, населба од римското време. До селото, некропола од римското време. Тука, во нивата биле откопани надгробна стела, статуетка од бронза со претстава на богот Меркур, ламби и други наоди. Наодите се чуваат во Музејот на Македонија во Скопје и во Заводот и музеј во Прилеп. Каве, населба и некропола од хеленистичкото и римското време, се среќаваат остатоци од разурнати ѕидови, грамади од камен и еден затрупан бунар. На истиот простор има голема концентрација на гробови–корита издлабени во карпа. Манастир Св.Недела, сакрален објект од старохристијанското време. Источно од селото, се наоѓа новата црква која, според кажувањето на жителите, била изградена врз темелите на постара црква. Во олтарот, кај чесната трпеза има профилирана база од мермер. Црква Св.Архангел, осамен наод од римското време. Во самата црква се наоѓа дел од мермерно столпче со елипсовиден пресек, а во дворот делумно оштетена надгробна стела од мермер, со релјефна претстава на жена и дете. Црквиште, сакрален објект од старохристијанското време. Околу објектот има расфрлени камени плочи, а во непосредната близина е најдена ара изработена од локален камен.

46. КУТЛЕШЕВО

Петочна Вода, населба од римското време. Присој, населба од неолитското време.

47. ЛАЖАНИ

Чука, населба од неолитското време.

48. ЛЕНИШТА

Заполошка Река, депо на монети од римското време. Во непосредната близина на селото најдени се 13 римски монети од бронза (Аврелијан, Максимијан, Комод, Проб и Фаустина). Монетите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

49. ЛОПАТИЦА

Неделска Вода, осамен наод од старохристијанското време. Во нивата биле откопани питос и крст од бронза, од палестинско потекло. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

50. МАЖУЧИШТЕ

Бањски Дол, депо на римски монети. Во непосредната близина на селото се најдени римски монети што се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Тумба–сред село, населба од римското време.

51. МАЛ РАДОБИЛ

Селска црква, осамен наод од римското време. Во дворот на црквата се чува фрагментирана плоча од мермер со грчки натпис.

52. МАЛО МРАМОРАНИ
Црква Св.Атанас
, осамен наод од римското време. Во ѕидовите на полуурнатата црква, како и околу неа, се наоѓаат голем број антички мермерни сполии (делови од стебла на столбови, стопи и дел од женска статуа).

53. МАЛО РУВЦИ

Друм, осамен наод од римското време. Црква, осамен наод од римското време. Во олтарот на селската црква, како база на чесната трпеза служи дел од мермерен столб кој на едната страна има релјефна претстава на коњаник, а на спротивната женска фигура што стои. Околу црквата има фрагментирана плоча од бел мермер со релјефно претставена розета и ара од мермер која на челната страна има гирланда и две бисти, исто така релјефно претставени.

54. МАНАСТИР

Грамаѓе–Белило, некропола од римското време. Камен Крст–Присој, некропола од римското време. Камено Корито, осамен наод од римското време. На околу 200 м од селото, на десниот брег на Црна Река, во карпите има издлабено корито за гмечење грозје. На западната и на јужната страна има отвори–канали, а на источната отвор со пречник од 0,10 м кој води во полукружен базен со пречник од 1,5 м. Манастир Св.Никола, средновековна црква и некропола. Постарата црква била подигната во 1095 г, а поновата (сегашната) во 1266 г и живописана во 1271 г. Пред влезот, како и во црквата, има мермерни сполии од римското време, а на просторот околу неа и средновековна некропола. Во текот на конзерваторските работи на црквата се преземени и археолошки ископувања во северниот дел на манастирскиот двор каде што се откриени 12 гроба со конструкции од камени плочи или делумно оградени со камен. Според горбните прилози, некрополата била употребувана во XIV-XV в. Маркови Кули–Градок, средновековна тврдина и црква. Кај утоката на Лесничка во Црна Река, на еден висок рид наречен Градок има остатоци од бедем широк 2 м, граден од поголеми и помали приделкани камења. На југоисточниот крај на ридот се гледаат остатоци од трикорабна базилика, ѕидана од приделкан камен, тули и варов малтер, од која апсидата и делови од бочните ѕидови се делумно зачувани. На десетина метри југозападно од неа се гледаат остатоци од мала црквичка, градена од истиот материјал и во истата техника. Плевење, некропола од доцноантичкото време.

55. МЕЛНИЦА

Садевите, населба од доцноантичкото време. Стојанов Шопур, средновековна населба со некропола. Во месноста Отин, има природна височинка на која се гледаат конструкции од гробови градени од камени плочи, со мали отстапувања во ориентацијата запад-исток. Црква Св.Димитрија, осамен наод од римското време. Во црквата има фрагменти од антички столб, а од надворешната страна на западниот ѕид е вградена плоча од камен со грчки натпис во 7 вертикални редови.

56. НЕБРЕГОВО

Гробиште, осамени наоди од римското време. Дрениче, населба од доцноантичкото време. Круши, населба од римското време. Латинска Црква, старохристијанска црква и некропола. На 1 км јод селото се откриени урнатини од темели на објект–црква во која има повеќе блокови од мермер. Југоисточно од црквата со орањето селаните откриле гробови поставени во правец запад-исток. Лечиште, населба од неолитското време. Манастириште, населба од доцноантичкото време и старохристијанска базилика. Во нивата се откриени остатоци од базилика градена од кршен камен и варов малтер. Најдени се и два јонски импост-капители украсени со крстови и птици во плиток релјеф. Орман–Буков Дол, тврдина, мал кастел од римското време. На околу 3,5 км од селото се наоѓаат остатоци од ѕидови градени од кршен камен и варов малтер. Селска црква, осамен наод од римското време. Во јужниот ѕид од надворешната страна на црквата е вѕидана мермерна плоча со релјефна претстава на Атина и Херкул. Пред црквата се наоѓа фрагментиран столб.

57. НИКОДИН

Антои Грамади, населба и некропола од доцноантичкото време. Бресје, осамени наоди од римското време. Глоговица, некропола од римското време. На 1 км источно од селото е најдена надгробна стела со релјеф и без натпис, како и монети на Хадријан и Антониј Пиј. Кутра, населба од римското време. Нерезиње, некропола од доцноантичкото време. На 2,5 км од селото, покрај патот за селото Извор се откриени гробови од камени плочи.

58. НОВОСЕЛАНИ
Св.Ѓорѓија,
осамени наоди од римското време. Слатина, населба од доцноантичкото време. Стари Лозја, населба од римското време.

59. ОБРШАНИ

Селска црква, осамен наод од римското време. Во дворот на црквата се чува оштетена мермерна плоча на која има релјефна претстава на две бисти.

60. ОРЕОВЕЦ

Далов Гроб, некропола од римското време. Лозја, некропола од римското време. Недалеку од селото е најдена надгробна стела од мермер со претстава на воин. Ореовечка Река, населба од римското време. Најден е и еден јонски капител со волути. Пештерица, населба од неолитското и римското време. Во непосредната близина се најдени и остатоци од антички објекти градени од кршен камен и варов малтер, како и каптажа за водовод. По површината има делови од мермерна архитектонска пластика. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Црквиште–Бачкова Нива, населба од доцноантичкото време.

61. ПАШИНО РУВЦИ

Селиште–Могилани, населба од римското време. Селска црква, осамени наоди од римското време. Во црквата и во нејзиниот двор се наоѓаат повеќе споменици од мермер, и тоа: фрагментирана надгробна стела со грчки и латински натпис која на средината има претстава на коњаник и пред него дрво; женска статуа од бел мермер без глава и капител украсен со волути и акантус. Тумба–Чаир, населба од бронзеното време.

62. ПЕШТАНИ

Валјето, осамен наод од римското време. На 1 км од локалитетот Грмот има две корита со правоаголна форма, издлабени во карпа. Коритата се поврзани со каналче. Ориентација исток-запад. Грамаѓе, населба од римското време. Грмот, населба и некропола од римското време. На пониската тераса се среќаваат поголеми покривни плочи од гробови. Во чешмата е вграден поголем мермерен блок, а во нејзината непосредна близина се наоѓа дел од мено. Пештера, населба од римското време. Од овој локалитет потекнува една вотивна плоча со претстава на Херакле што се чува во Заводот и музеј во Прилеп. Припниш, осамен наод од римското време. На околу 100 м од црквата Св.Ѓорѓија, што се наоѓа на северозападната страна од селото, има две корита издлабени во карпа. Црква Св.Ѓорѓија, осамени наоди од римското време. Во ѕидовите на црквата има вградени повеќе мермерни сполии, и тоа: во јужниот ѕид плоча со грчки натпис, плоча со профилирано поле и грчки натпис и ара со релјефна претстава на коњаник и жена; во југоисточниот и југозападниот агол има база за столб и профилиран блок со грчки натпис. Пред западниот влез стои мермерна база и на неа мала ара, а пред југозападното ќоше исправен столб. Во ѕитчето што се потпира на црквата има две фрагментирани мермерни стели кои се доста излижани. На едната се претставени маж и жена, а на другата двајца мажи. Црквиште, светилиште од римското време.

63. ПЛЕТВАР

Барички Дол, населба од доцноантичкото време. На мермерниот масив над селото има врежан натпис посветен на Зевс Агораиос. Селиште, осамен наод од римското време. Во нивата недалеку од селото, е најдена мала вотивна плочка од мермер со претстава на Тракиски коњаник. Наодот се чува кај сопственикот на нивата. Чашка, осамен наод од римското време. На 1 км од селото, при изградбата на новата траса на патот за Градско, работницита нашле вотивна плочка од мермер со релјефна претстава на две афронтирани змии и меѓу нив кантарос поставен на постамент на кој има некаков плод. Наодот се чува во Заводот и музеј во Прилеп.

64. ПОДМОЛ

Кутлиште, осамен наод од римското време. На околу 50 м е најдена теракота која претставува женска фигура и монети од Јулиј Цезар. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Павла Чука, населба од римското време. На ова место биле најдени и повеќе монети од сребро и бронза од времето на Хадријан. Селска црква, осамен наод од римското време. Во тремот на селската црква се наоѓа ара од мермер на која има грчки натпис во 9 реда. Училиште, населба од хеленистичкото време.

65. ПОЛЧИШТЕ

Во селото, викус со храм и некропола од раноантичкото време. Јолева Ограда, населба и топилница од доцноантичкото време. Тамбурџиева Нива, утврдена населба од римското време.

66. ПРИЛЕП

Али Чаир
, населба од неолитското и римското време, утврден културен слој со еден хоризонт на живеење, остатоци од населба од доцниот неолит. Во непосредната близина се најдени и две плочки од мермер со релјефна претстава на божиците Венера и Минерва. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Баба, тврдина и депо на монети од доцноантичкото време, масивни ѕидови градени од крупен камен. Најдено е депо на монети од 51 фолиси и полуфолиси, сите од VI век. Монетите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Бакалица, некропола од доцноантичкото време. Откриени се повеќе гробови со кремирани покојници. Постарите имаат конструкции ѕидани од кршен камен и плочи, а поновите од тегули поставени на две води. Најдени се садови од керамика и стакло, бронзени фибули, монети и др. Болница–Учителско училиште, населба од неолитското, некропола од железното и осамен наод од римското време. Во 1925 година биле откриени 4 гроба градени од камени плочи–тип циста. Бончеица, населба и некропола од доцноантичкото време. Долно Садово, населба од неолитското време. Илино, средновековна некропола, во месноста наречена Шаторов Камен, на зарамнето плато се гледаат 6 гробни конструкции кои биле откопани од жителите. Гробовите се градени од камени плочи, а како прилози биле најдени белезици од тордирана бакарна жица и друго. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Каменица, населба од енеолитското време,  на блага падина што се спушта од Кукул, по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, камени орудија и дислоциран куќен лепеж. Караташ, некропола од римското време. Од овој локалитет потекнуваат стела со грчки натпис во 8 реда и релјефна претстава на жена, која се чува во Музејот на Македонија во Скопје, и фрагментирана мермерна стела со приказ на девојка која во раката држи птица и венец, која сега се наоѓа во Заводот и музеј во Битола. Касарни, некропола од железното време. Во гробот се најдени еден керамички сад и два висулци со форма на очила. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Кладенец, случајни наоди–монети од римското време. Крклари, некропола од хеленистичкото време, две гробници издлабени во карпа, од типот „македонски“ гробници со тесен ходник, засводено предворје и гробна комора. Во 1958/59 на стотина метри беа откриени уште 4 гробници од истиот тип. Во нив се најдени остатоци од кремирани скелети, теракоти, керамички садови и друго. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Кукул, населба од римското време. Куршумли-ан, осамени наоди од римското време. Во центарот на градот, во непосредната близина на Домот на АРМ е зачуван речиси целиот западен ѕид од турскиот ан, изграден во XV век. Околу него во паркот се сместени делови од антички мермерни архитектонски споменици кои се извадени од анот. Параклис, осамен наод од римското време. Во дворот на црквата Св.Кирил и Методиј се наоѓаат три надгробни стели од мермер, од кои една е фрагментирана и има грчки натпис во четири реда. На сите три плочи има претстави на човечки фигури што стојат. Поводеници, случаен наод од римското време. Силос, некропола од римското време. Во непосредната близина на железничката станица, кај стариот силос за жито, при изградбата на неговиот втор дел биле откриени конструкции од камени плочи и тегули. Најдена е бронзена статуетка на Херакле. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.  Тополка–Шилево, некропола од доцноантичкото време, во непосредната близина на железничката пруга Прилеп-Скопје, при орањето на нивите е откриен гроб со кремиран покојник. Во него се најдени два сада од керамика, две лампи, фрагменти од стаклени садови и една римска монета од бронза. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.
Тражица, фурна од римското време. Во новото корито на Ореовечка Река, во непосредната близина на фабриката „Партизанка“ се откриени неколку фурни за печење на градежна керамика.

67. ПРИЛЕПЕЦ
Безистен
, населба од бронзеното време, населба со некропола од хеленистичкото и римското време. Исто така се најдени надгробни стели, македонски и римски монети, темели од објекти и делови од мозаични подови. Во 1928 година Н. Вулиќ откопал помала гробница градена од кршен камен и варов малтер, и во неа саркофаг. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп и во Музејот на Македонија во Скопје. Глува Долна, светилиште од римското време. На околу 1 км од селото Чумово, на врвот на ридот постоела црква. Камберица, населба од доцноантичкото време. На околу 50 м на долот што ги дели селата Прилепец и Волково се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и множество градежен материјал. Биле откриени керамички цевки за водовод. Корита, населба од хеленистичкото и римското време. Во непосредната близина на селскиот пат што води за Волково, источно од локалитетот Камберица, констатирани се и две корита издлабени во гранитна карпа, чија намена не може да се одреди. Во Музејот во Прилеп се донесени неколку македонски и римски монети најдени на овој локалитет. Марков Ѕид, тврдина и некропола од хеленистичкото и римското време. На околу 1 км на падините на Селечка Планина се наоѓаат остатоци од ѕидови на тврдина и издлабени корита–гробови во карпи. Најдени се македонски и римски монети. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Маркова Стапалка, некропола од доцноантичкото време. На 1 км пред селото, во нивата што се наоѓа на десната страна од патот, се откриени 4 гроба-цисти, градени од големи камени плочи.

68. ПРИСАД
Радин Дол
, населба од неолитското време, во непосредната близина на вештачкото езеро, на една зарамнета височинка што доминира над околниот терен. Со заштитното ископување извршено во 1976 година е констатирана еднослојна населба која n припаѓа на велушко–породинската културна група во Пелагонија. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Сивец, некропола од железното време и рудник за мермер од хеленистичкото и римското време. На површина од неколку хектари, каде што се вади мермер од античкото време до денес, се откриени 4 гроба од камени плочи–тип циста, во кои умрените биле положени во згрчена положба. Од гробни прилози се најдени меч од бронза, прстен, тегови и предмети од коска. Во голем број кратери (антички копови) се најдени полуобработени архитектонски делови, железни длета, остатоци од рударска ковачница, вотивна икона од мермер со претстава на Херакле и друго. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

69. РАКЛЕ

Аништа, населба од римското време. Венци, населба од римското време. Грамаѓе, населба од римското време. Желкоец, осамени наоди од римското време. На околу 2 км од селото се наоѓаат остатоци од мала еднокорабна црква, изградена во XVIII в. Во наосот на црквата и во другите ѕидови се вградени голем дел архитектонски елементи од мермер: архитравни греди, бази и горен дел од надгробна плоча на која е претставена женска фигура во плиток релјеф. Кутлине, населба од неолитското и римското време.
Маркови Круши, населба од римското време. На 1 км југоисточно од селото, во нивите се наоѓаат грамади од кршен камен, фрагменти од тегули, имбрекси и керамички садови. Биле откриени повеќе цели питоси. Рамниште, населба од римското време. Ридот, населба од неолитското време. Старо Гумно, населба од неолитското и римското време. Во нивата има фрагменти од фина и груба неолитска керамика, меѓу кои доминираат деловите од големи садови со тунелести држалки. Улица, населба од римското време. Чаршија, старохристијанска базилика. Черењет, населба од римското време.

70. РИЛЕВО

Дол, случајни наоди–монети од доцноантичкото време. Во непосредната близина на селото се најдени повеќе бронзени монети од IV век, кои се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

71. СЕКИРЦИ

Селска црква, осамен наод од римското време. Во ѕидовите на црквата се вградени две мермерни плочи со натписи.

72. СЕЛЦЕ

Суви Ливади, населба и депо на монети од римското и доцноантичкото време.

73. СЕНОКОС

Ашкулица, населба од доцноантичкото време. Бела Чешма, населба од доцноантичкото време. Могила, населба од неолитското време. Пуста Црква, населба од римското време. Црква Св.Атанас, осамени наоди од римското време. Во ѕидот на црквата, од надворешната страна е вѕидана надгробна плоча од мермер со грчки натпис. Во црквата се чува плоча од мермер во облик на медалјон со релјефна претстава на три бисти, а во припратата има две стебла од столбови и дел од архитравна греда од мермер.

74. СЛАВЕЈ
Врбјанска Чука
, населба од неолитското време и средновековни јами. Се наоѓа на 2 км од селото. Се работи за тумба делумно оштетена со изградбата, населба од времето на велушко-породинската културна група, со голем број артефакти од керамика, камен, кремен и коска и култен објект–жртвеник, со систем од повеќе правоаголни касети со разни димензии, градени од глина и кал. Откриени се и повеќе кружни јами со фрагменти од средновековна керамика и црепни, кои најверојатно служеле како силоси за чување на жито. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

75. СЛЕПЧЕ

Бара, некропола од римското време. Два Даба, населба од римското време. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, имбрекси и воденични камења. Покрај тоа, најдени се монети и една бронзена статуетка со претстава на богот Меркур. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Ѓупско Кале, тврдина од доцнохеленистичкото време. Просторот, голем околу 1 хектар, е опколен со одбранбен бедем граден од кршен камен без варов малтер. Во неговата внатрешност, по површината се гледаат грамади од градежен материјал и голем број фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и покривни ќерамиди. Крст, некропола од римското време. Манастириште, населба од римското време. Селиште–Црквиште, населба од римското време и старохристијанска базилика. Во непосредната близина е локалитетот Црквиште каде што се најдени делови од мермерна архитектонска пластика. Селска црква, осамени наоди од римското време. Во селската црква се наоѓаат неколку антички сполии од мермер, и тоа: плоча со релјефна претстава на две жени, коринтски капител, торзо од статуа, голема ара и мермерна плоча со претстава на Тракиски коњаник. Стара Река, осамен наод–монети од римското време. На ова место биле најдени повеќе римски монети што се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Старо Гумно, некропола од римското време. Југозападно од манастирот Слепче, во манастирската нива со површина од половина декар се откриени неколку гробови градени од камени плочи, со ориентација север-југ.

76. СВЕТИ ТОДОРЕ

Манастир, осамени наоди од римското време. Во урнатините на една средновековна црквичка, што се наоѓа на 1 км југозападно од селото, има голем број антички сполии од мермер, и тоа: бази, столбови, делови од архитравна греда, како и една фрагментирана стела со релјефна претстава на 4 фигури. Над Чаир, населба од неолитското време.

77. СМОЛАНИ

Гробишта, некропола од доцноантичкото време. Изгорено Трло, населба од римското време. Крушкова Нива, населба од неолитското време. Лозја, населба од римското време. Селиште, населба од римското време. Суркова Страга, населба од римското време. Црква Св.Димитрија, осамен наод од римското време. Пред влезот во црквата се наоѓа античка база од мермер, со едноставно профилиран венец во горниот дел.

78. СТАРО ЛАГОВО

Ѓупско Маало, населба од римското време. Во непосредната близина на селото се среќаваат фрагменти од керамички садови, имбрекси и многу градежен материјал. Најдена е скулптурална вотивна претстава на змија, многу убаво изработена од бронза, која се чува во Заводот и музеј во Прилеп.

79. СТРОВИЈА

Ѓерамидница, населба од римското време. Петочница, депо на средновековни монети. На 1,5 км од селото, во непосредната близина на некогашното поило, има падина, на која се најдени 103 монети и два фрагмента од керамичкиот сад во кој биле ставени. Монетите се византиски, од VI в, исковани од сребро, рамни, со исклучок на неколку примерока кои се чанковидни. Монетите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

80. ТОПЛИЦА

Градиште, осамен наод од римското време. Грамаѓе, населба од римското време. Дукова Вода, населба од римското време. Канда, осамен наод од римското време. Река, населба од римското време. Црква Св.Никола, осамени наоди од римското време. Во олтарот на црквата како чесна трпеза служи мермерна ара која на челната страна има три бисти и коњаник претставени во плиток релјеф. Во припратата како база на столб е поставена надгробна стела од бел мермер со едикула во која има 4 фигури обработени исто така во плиток релјеф. Покрај нив има фрагмент од уште една стела на која во едикулата оддесно налево се гледаат две фигури без глави, во стоечка положба, и трета зачувана во долниот дел. Под фигурите има поле со грчки натпис во 5 реда. Чардак, населба од римското време. На околу 3 км југоисточно од селото, на падините на Курилово се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, имбрекси и друг градежен материјал.

81. ТОПОЛЧАНИ

Крива Врба, населба од римското време. Чука, населба од неолитското време и средновековни јами. Џаферица, осамен наод, монети од римското време. Недалеку од селото, при обработувањето на нивите биле најдени монети од Констанциј II. Монетите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. 

82. ТРЕСКАВЕЦ

Бунар, населба од доцноантичкото време. На околу 100 м северно од манастирот Трескавец, со пробните ископувања од 1959 година се откриени остатоци од темели на ѕидови градени од камен и варов малтер. Денес на површината има фрагменти од керамички садови и имбрекси. Гробови во карпа, некропола од римското време. На околу 300 м североисточно од манастирот се наоѓаат неколку гроба издлабени во карпа со правоаголен облик и со ориентација запад-исток.Гумење, некропола од хеленистичкото и римското време. На околу 300 м јужно од манастирот има поголемо плато со површина од 1 хектар. Во 1959 година е извршено ископување со кое биле откриени гробови со погребувања од IV в.п.н.е. до доцноримското време. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Златоврв, населба од хеленистичкото време, утврдена населба од доцноантичкото време и старохристијанска базилика. Се наоѓа во југоисточниот дел под врвот на Трескавец каде се гледаат остатоци од ѕидови градени од камен и варов малтер, со различна временска припадност. Црква Св.Богородица, осамени наоди од римското време. Во западната фасада на манастирската црква има вградена биста од мермер, а во другите ѕидови мермерни архитектонски делови од старохристијанска базилика. Слични делови се наоѓаат и во дворот на црквата.  

83. ТРОЈАЦИ

Василички Гробишта, некропола од римското време. Грамаѓе, населба од римското време. На 1,5 км од селото, се констатирани темели од стари објекти градени од камен и варов малтер, а се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, имбрекси и делови од воденични камења, расфрлени по површината. Дебел Рид, осамен наод–монети од римското време. Во подножјето на Мал Козјак, оддалечено 2 км северозападно од селото, жителите нашле повеќе монети. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Ѓорѓовица, населба од римското време. Во непосредната близина на селото, од северната страна, помеѓу планинскиот пат за селото Топлица и долината со пештери, на простор од неколку хектари се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, имбрекси и тули. Манастирче, населба од римското време. На околу 500 м југоисточно од селото, покрај патот за селото Царевиќ, во нивите се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули и имбрекси. Ракида, некропола од железното време. На околу 500 м југоисточно од селото, покрај патот за селото Царевиќ, во нивата е откриен гроб од камени плочи во кој била најдена голема лачна фибула со две петличести задебелувања, без игла. Ридот, населба од неолитското време.  Солишта, осамен наод, монети од доцноантичкото време. На источните падини од Мал Козјак, оддалечени 4 км северозападно од селото, се најдени повеќе монети. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп. Црква Св.Ѓорѓија, осамени наоди од римското време. Во селската црква има вградени повеќе делови од антички сполии од мермер и камен (столбови и делови од архитравни греди). Црквиче, осамен наод од римското време. Во една мала црквичка во селото се наоѓа долна половина од надгробна стела. На горниот крај се зачувани четири чифта стапала, веројатно од фигури што стојат. Под нив има едикула без натпис. Помеѓу едикулата и клинот за прицврстување, лево и десно, се наоѓа по една мала полукружна конха во кои има по една биста.

84. ТРОЈКРСТИ

Црква Св.Дух, осамени наоди од римското време. Во ѕидовите на црквата и припратата, како и внатре во неа, има повеќе антички сполии од мермер (столбови, делови од надгробни стели, капители и други фрагменти).

85. ЦАРЕВИ

Алиева Тумба, населба од римското време. Балтови Ниви, населба од доцноантичкото време. Бунарите, населба од римското време. Глава, населба од римското време. Гробишта, некропола од доцноантичкото време. Јужно од локалитетот Старо Село се откриени гробови градени од камени плочи, со ориентација запад-исток. На површината се наоѓа оштетена стела од мермер со две едикули во кои има неколку фигури што стојат и два коња, обработени во плиток релјеф. Римски Габер, некропола од римското време. Во непосредната близина на селото се најдени повеќе плочи од мермер со грчки натписи, како и еден горен дел од надгробна плоча со релјефно претставена биста. Стара Црква, населба и некропола од доцноантич¬кото време. Покрај патот од западната страна, во непосредната близина на локалитетот е откриена некропола на која е евидентиран дел од надгробна стела. Старо Село, населба од римското време. Страчина Ливада, населба од доцноантичкото време. Околу 800 м северозападно од селото, во непосредната близина на Страчина Чешма, жителите откриле повеќе помали и поголеми питоси. Црква Св.Димитрија, осамени наоди од римското време. Во црквата, како и пред неа, се наоѓаат мермерни сполии (ара, дел од столб и сл.). Чешма Св.Недела, населба од римското време. Во ѕидот на чешмата е вграден капител од мермер.

86. ЦРНИЛИШТЕ
Бириште
, населба од римското време. Криви Стогови, осамен наод од римското време. Ограда, населба од римското време. Палези, населба од римското време.

87. ЧАНИШТЕ

Бара, тумул од железното време. Богданова Нива, населба од доцноантичкото време. Св. Петка, средновековна црква. Убава Глава, средновековна тврдина.

88. ЧЕПИГОВО
Бакарно Гумно
, населба од енеолитското и бронзеното време. Бедем Стѕберра (Стибера), градска населба од хеленистичкото и римското време. Подетални податоци за постоењето на градот се добиени со ископувања во 1953 година. Со овие ископувања е откриен дел од градскиот бедем граден од кршен камен широки до 3 м, како и еден од влезовите во градот. На вториот пункт е откриен обновениот храм на божицата Тихе–заштитница на градот. На третата локација е откриен гимназион. Во него се откриени неколку статуи на заслужни граѓани на Стибера како и доста фрагменти од архитектонска пластика од мермер. Античкиот град Стибера, егзистирал од 200 г.п.н.е. до III век. Бил изграден според примерот на старите грчки градови а го доживеала својот процут во II век. За нејзиното страдање се смета дека настанало поради голем земјотрес или пак поради уривачките походи на Готите во втората половина на III век.

89. ЧУМОВО

Вирои, населба од доцноантичкото време. Табачица, населба од раноантичкото и римското време. Во непосредната близина се најдени повеќе грчки и римски монети, како и една бронзена статуетка на богот Меркур.

90. ШТАВИЦА

Браненица, населба од римското време. Полатица, осамени наоди, монети од раноантичкото време. Цуцул, осамени наоди–монети од римското време.


Археолошка карта на Република Македонија МАНУ 1996
 

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved