Крале Марко, помеѓу легендата и историјата

Веројатно и не постои поконтроверзна личност во македонскиот средновековен фолклор и историја од Крале Марко, национален јунак, човек со извонредна сила, натчовечка моќ, мудрост, правдољубие, бранител на слабите и сиромашните, а истовремено суров владетел...
Што ли го навело народот да создаде една таква претстава, едно такво паметење во колективната свест, и оваа конкретна историска личност да ја обои со атрибутите на натприродност и надвременост? Кој бил мотивот кој ја навел човечката фантазија да сплете толку различни приказни за неговиот живот, да обележи, оживее и вдахне со содржина безброј места и објекти речиси низ целата територија на земјава, но и надвор од нејзините граници.
Во целото тоа преплетување на историјата и фолклорот, Крале Марко е фигура која постојано поставува нови прашања, барајќи одговори и отворајќи простор за нови претпоставки и безброј интересни навестувања. Македонското предание за неговото раѓање и младешки години наликува на митот за кралот Едип (раѓање, пророштво, одвојување од домот, враќање и соочување со сопствениот татко). Мистерија и нејасност ги обвиваат фактите кои треба да го прикажат неговиот живот и неговите дела.
Кој бил тој, младиот крал, легендарниот Крале Марко?
|