Сувенири

КАЛЕНДАР www.365.4d.mk
да
не
можеби
Тимот на KINGMARKOLAND Ви посакува убав ден
 

КАВАДАРЦИ

Маркова пештерна црква, с. Драдња. Југозападно од селото Драдња, високо во карпите, е подигната пештерна црква посветена на свети Никола, попозната како Маркова црква. Станува збор за мала еднокорабна градба од приземје и кат, изградена од кршен камен и делкан бигор, а покриена со полукружен свод од бигорни камења. Поставена е со западниот дел кон затворениот, а со источниот кон отворениот дел на пештерата. Во црквата е пронајден делумно зачуван натпис од времето на подигнувањето и живописувањето на црквата, но тој тешко се чита и толкува. Во него се спомнуваат игумен, архиереј и војвода, но нивните имиња остануваат непознати. Според истражувањата, се претпоставува дека живописот е настанат во XIV век. Од композициите се препознаваат Успение Богородичино, Преображение, сцени од животот на свети Никола, Деисизината композиција. На западната фасада, над влезот, е насликан свети Никола, а од другите светители можат да се забележат ликовите на св. Никанор, евангелистот Јован, и др. Во нејзиниот реон се среќаваат остатоци од гробни конструкции, покривни ќерамиди и градежен материјал.

Марково кале, Бегниште,  римска утврдена населба. Остатоци од оваа населба се наоѓаат во јужниот дел на селото, на зарамнето плато на висок рид. Пронајден е градежен камен, фрагменти од тегули, фрагменти од керамички садови...

Спила, с. Никодим. На Никодимската планина, на патот кон с. Плетвар има една спила. За неа се зборува дека Крале Марко ја пресекол со сабјата и таа и денес стои расцепена. 

Марков стап, Мрзен Ораовец, римски и доцноантички рудник за мермер. На 2 км. северно од селото се забележуваат траги од некогашната експлоатација на мермер. Се претпоставува дека тука биле вадени и подготвувани архитектонски елементи, кои потоа биле носени и дообработувани во Стоби.

Маркова кула. Еден од културните белези на Кавадарци е Марковата кула, четвртеста по облик и околу дваесетина метри висока камена кула, подигната во центарот на градот. Таа е изградена во XVIII век, кога првите градски куќи почнале да се подигаат околу овој значаен објект. Кулата се состои од пет ката, со дебелина на ѕидови од околу еден метар и со по три прозорци на четвртиот и петиот кат. Единствен влез во неа е вратата на вториот кат, до која се стасува по камени скали.  На четвртиот кат, на неговиот јужен ѕид, се забележува еден отвор кој служел за одбрана, додека отворот на петиот кат имал функција да ја исфрла нечистата вода.

Ваташа. На патот помеѓу Кавадарци и Ваташа има два камена за кои се верува дека биле фрлени од Крале Марко и сестра му Кита. На едниот камен има нишан од рацете на братот, а на другиот од рацете на сестрата.

| |
(c) Copyright 2008, Krale Marko, All Rights Reserved